Извршување на службата на највисоко можно ниво и со најдобар квалитет, како и обновување и квалитетно одржување на техниката, се приоритетите на Воздухопловната бригада од составот на Здружената оперативна команда, кои денеска на свеченоста по повод одбележувањето на 10 јуни – Денот на единицата, ги изнесе нејзиниот командант, полковник Роберт Малезански.
Тој во своето излагање пред присутните на свеченоста во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец нагласи дека техниката е од витално значење за извршување на мисијата на единицата и за обука на персоналот, со цел одржување на постојано висока борбена готовност на оваа единица.
Заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал- мајор Азим Нуредин честитајќи им го денот, истакна дека сите нејзини припадници се оспособени и обучени за извршување на задачите кои произлегуваат од специфичната мисија на оваа единица, вежби и мисии во рамки на НАТО структурите, како и при справувањето со различни елементарни непогоди кои ја погодија Република Македонија во минатото.
По повод денот на единицата беа соопштени наредби за унапредување, а пехар и преодно знаме за постигнување резултати во извршувањето на мисијата на единицата доби сквадронот за транспортни хеликоптери, соопшти МО.
Во рамки на свеченоста, се релизираше прелет на воздухопловите од Воздухопловната бригада и Центарот за обука на пилоти и изложба на материјално технички средства со кои располага единицата.
Со одлука на претседателот на државата за определување на денови на единиците на АРМ, за ден на вбр е одреден 10 јуни, со традиции на денот на првиот лет на македонски воен екипаж на Военото воздухопловство на АРМ во 1992 година.
Од почетокот оваа единица беше составена од авијациска бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон по што во 2005 година се трансформираше во помала, покомпактна единица наречена воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група), која фигурира до 2012 година, кога повторно се формира воздухопловна бригада во составот на Здружената оперативна команда.