Народно движење за Македонија, денес, до Уставниот суд поднесе Иницијатива за оценување на уставноста на изборот на членовите на ад хок телото за медиуми, рече Злате Војновски, член на Извршниот комитет на НДМ.
„НДМ смета дека одредбата од Изборниот законик за избор на четири члена во ад хок телото за медиуми по партиска линија од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, не е во согласност со Уставот на државата.
Во член 8 став 1 алинеа 3 од Уставот е предвидено дека темелна вредност на уставниот поредок е владеење на правото, според член 9 од Уставот забранета е дискримација по било кој основ, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, според член 23 од Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции, во член 32 став 2 од Уставот е предвидено дека секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Според овие уставни одредби, партискиот изборот на членови на ад хок телото за медиуми од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ отстапува од усвоениот уставен концепт и од одделни уставни гаранции за функционирање и кадровско пополнување и потребата од развивање на таква постапка за селекција, која ќе биде транспарентна, отворена и со јасни правила, при што преку јавен оглас од надлежен државен орган како отворен натпревар да се верификуваат способностите и професионалните капацитети на секој кој се пријавил на оглас, а врз основа на способност, знаење и достигнување.
Оттука, партискиот избор на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на членови во ад хок телото за медиуми е повреда на уставната гаранција за еднаквост и рамноправност на граѓаните.
Патем според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок.
Произлегува дека граѓаните од својот џеб ќе плаќаат партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ бидејќи членовите во ад хок телото ќе добиваат од буџетот месечен хонорар од 80.000 денари.
Тие пари се сопственост на сите граѓани.
Државните институции, како што е ад хок телото за медиуми, исто така се целосна сопственост на граѓаните на Република Македонија.
Меѓутоа, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја нарушија еднаквоста и рамноправноста на граѓаните со што се попречува остварувањето на демократскиот карактер на нашето општество во еден од суштинските аспекти – право на секој граѓанин да учествува во вршење на јавна функција и достапноста на секое работно место под еднакви услови.
Со ова се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не сакаат одвојување на државата и партиите, туку ја сакаат државата за себе под своја контрола.
Затоа, на Македонија и се потребни демократски промени и разбивање на двопартизмот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и нов политички избор кој ќе воспостави нова, чесна и одговорна власт на којашто врвен инетерес ќе биде народот“, рече Војновски.
Во прилог, текстот од Иницијативата интегрално
1. Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 28 јули 2016 го донесе Законот за изменување и дополнување Изборниот законик („Службен весник на РМ„ бр. 142/16) со што се постави прашањето за согласноста на член 196-д од законот во делот „ од кои четири члена ги определуваат двете политички партии во опозиција со најголем број пратеници и двете политички партии на власт со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија„ со член 8 став 1 алинеа 3, член 9 став 1 и 2, член 23 , член 32 став 2, член 33 и член 51 од Уставот на Република Македонија.
2. Во член 196-д од Изборниот законик се пропишува дека Привремената комисија е составена од пет члена, од кои четири члена ги определуваат двете политички партии во опозиција со најголем број пратеници и двете политички партии на власт со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија, по претходна консултација со релевантните професионални организации, од кои најмалку еден член е од редот на припадниците на најголемата немнозинска заедница во Република Македонија, во рок од седум дена од денот на влегување во сила на овој закон.
3. Според член 8 став 1 алинеа 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеење на правото.
Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според став 2 граѓаните пред уставот и законите се еднакви.
Според член 23 од Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека граѓаните се еднакви и рамноправни од секој аспект поврзан со правото на вршењето на јавни функции и достапноста на секое работно место под еднакви услови, и оттука, не може да се дискриминираат на начин што четири политички партии, во случајов СДСМ, ДПА, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се поистоветуваат со државата и определуваат членови на Привремената комисија за следење на медиумско претставување по основ на уставно непознати термини како што се: „двете политички партии во опозиција со најголем број пратеници и двете политички партии на власт со најголем број пратеници во Собранието„.
Со оспорениот дел од член 196-д граѓаните се стават во нерамноправна положба во однос на можноста да претендираат на вршење на јавна функција и достапноста на секое работно место под еднакви услови, со што се нарушува принципот на еднаквост и забрана на дискриминација по основ на политичко уверување имплицирајќи правна несигурност, различно применување и интерпретирање и со тоа повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.
Во овој контекст, дискриминацијата може да се толерира единствено ако е објективна и пропорционална на целта што треба да се постигне, односно изборот на членовите на Привремената комисија за следење на медиумското претставување да го врши надлежен орган и истиот да биде објективен одраз на знаењето и постигнатиот успех, и пропорционален на целта за обезбедување на стручни кадри во комисијата. Во овие рамки оспорениот дел од член 196-д од Изборниот законик отстапува од усвоениот уставен концепт и од одделни уставни гаранции за функционирање и кадровско пополнување на Привремената комисија и потребата од развивање на таква постапка за селекција, која ќе биде транспарентна, отворена и со јасни правила, при што преку јавен оглас како отворен натпревар да се верификуваат способностите и професионалните капацитети на потенцијалните членови на комисијата врз основа на нивната способност, знаење и достигнување.
Исто така,имајќи ги предвид изнесените уставни одредби произлегува дека со оспорениод дел од член 196-д се уредува прашање кое излегува и од предметот на уредување на Изборниот законик кој има уставен основ да го уредува начинот, условите и постапката за избор на пратеници, начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места, а не и да ги селектира и рангира граѓаните по партиска линија и уставно нејасни и непознати поими, дотолку повеќе, еднаквоста и рамноправноста на граѓаните е веќе уставно уредено прашање.
Дејствувањето на граѓаните е слободно и под еднакви услови и дека таа слобода и еднаквост се изразува и во делот на правото да учествува во вршењето на јавни функции и достапноста на секое работно место под еднакви услови кои спаѓаат во категоријата основни слободи и права на човекот и граѓанинот кои претставуваат темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што нивното остварување е уставно заштитено.
Тргнувајќи од одредбите од Уставот, а кои се однесуваат на основните слободи и права, се поставува прашањето дали оспорената определба на законодавецот да ги става во нееднаква правна положба граѓаните по основ на тоа дали се или не се членови на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ; ДУИ и ДПА кои ги определуваат членовите во Привремената комисија, а при еднакви обврски на граѓаните да плаќаат данок и други јавни давачки, всушност значи нарушување на еднаквоста и рамноправноста со што се попречува остварувањето на демократскиот карактер на нашето општество во еден од суштинските аспекти (право на секој граѓанин да учествува во вршење на јавна функција/достапноста на секое работно место под еднакви услови) на рамноправност во услови на гарантирана еднаквост пред Уставот и законите.
Оттука, целта на кој и да е закон во едно демократско општество секогаш е создавање на услови за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, а не негово ограничување. Значи, целта и на овој закон мора да е пропишување, но и обезбедување на услови за еднаков и рамноправен пристап на граѓаните до јавни функции и достапноста на секое работно место, а не преку утврдување на дискриминаторни услови по основ на политичко уверување и нееднакво третирање, што е недопуштетно во едно демократско општество.
4. Врз основа на изнесеното, како и од целината на изнесените аргуметни сметаме дека член 196-д од Изборниот законик во делот „ од кои четири члена ги определуваат двете политички партии во опозиција со најголем број пратеници и двете политички партии на власт со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија„ не е во согласност со одредбите од Уставот, односно со член 8 став 1 алинеа 3, член 9 став 1 и 2, член 23 , член 32 став 2, член 33 и член 51 од Уставот на Република Македонија заради што му предлагаме на судот да го поништи овој дел од од член 196-д.
Посебно барање:
Со оглед на фактот што оспорениот дел од член 196-д од Изборниот законик е во директна корелаија со предвремените парламентарни избори што се најавуваат за 11 декември 2016, а со цел спречување на настанување тешко отстранливи последици, му предлагаме на судот во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на дејствијата што се превземаат врз основа на оспорениот дел од член 196-д од Изборниот законик.