Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, по потпишување на Меморандумот за соработка со Водовод Будимпешта, во февруари оваа година, пристапи кон реазлизација на проекти од заеднични интерес на двете претпријатија.
Како што соопшти претпријатието, во таа насока, но и во насока на унапредување и подобрување на услугите за граѓаните, работните процеси како и системот во целост, „Водовод и канализација“ – Скопје, во соработка со Водовод Будимпешта, изработи проект со кој, во март 2020, аплицираше за грант преку инструментот Western Balkans Green Center (WBGC), инструмент основан во Унгарија за поддршка на зелената транзиција во земјите од Западен Балкан.
– Проектот за „Намалување на ефектите од климатските промени, зголемување на ефикасноста на водоснабдувањето, употребата на енергија, планирање на реконструкции и обезбедување на непрекинато водоснабдување во определени зони во Скопје, главниот град на Северна Македонија“, аплициран преку Водовод Будимпешта, ќе биде имплементиран во Скопје, преку ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, посочија од претпријатието.
Оттаму информираат дека добиениот грант од Western Balkans Green Center (WBGC) е во висина од околу 122.000 евра. Реализацијата на проектните активности, иако одложени заради корона кризата, ќе почнат во текот на септември, 2020 година. Овој проект комплентно ќе се финансира преку WBGC.
– Горд сум што и во услови на криза, не дозволивме нашата работа да застане и продолживме со вложување напори и ресурси за подобрување и унапредување не само на работните процеси и услугите кои се насочени кон нашите корисници, туку и кон заштита на расположливите природни ресурси, во нашиот случај водата за пиење, кои се изложени на силно влијание од климатските промени, посочи Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.