Екипите на Центарот за јавно здравје Куманово извршија испитувања на земените мостри од водите на реката Пчиња и испитувањата покажаа дека водата е безбедна за капење.
– Ова значи дека излетниците можат да се капат на излетничките места во Пчиња, иако, нивото на водата е многу ниско, така што повеќе служи за разладување, отколку за капење, информира денеска доктор Мимоза Величковски, специјалист по хигиена од Центарот за јавно здравје Куманово.
Примероците се земени на две излетнички места кои во овој период од годинава најчесто ги посетуваат излетниците од кумановско, во близина на Меморијалниот Центар АСНОМ во Пелинце и кај бањата во Стрновац. Испитувањата покажуваат дека во однос на микробиолошките анализи кај двата примероци не е докажано присуство на бактерии од фекално потекло.
– Водата со ваков квалитет граѓаните, може да ја користат за капање, но им препорачуваме да внимаваат посебно кај децата да не дојде до голтање на водата и по капењето да се тушираат со чиста вода, рече Величковски.
Испитувања кои ги спроведуваат екипите на Центарот за јавно здравје се вршат неколку пати годишно со зголемен интензитет во јули и август кога и најчесто има посетители на излетничките места лоцирани покрај реката Пчиња.
Што се однесува до водата од градските базени затворениот и отворениот, капачите слободно можат да ги користат, бидејќи водата е бакетриолошки исправна. Центарот за јавно здравје два пати месечно зема мостри за испитување на квалитетот на водата.
– Досега сите испитани примероци се исправни, водата секогаш има резидуален хлор, што претставува дополнителна заштита.Сепак, многу битно е и корисниците да внимаваат на личната хигиена пред влегување во базенот и значајно е и самата околината околу базенните да биде чиста, посочи Величковски.