Голем пожар го зафати трговскиот центар „Глобал“ во Струмица во вечерните часови. Противпожарните екипи со часови се обивуваат да го сопрат огнот кој се шири низ објектот.
Не може да се утврди од каде почнал пожарот и која е причината за настанувањето. Чадот што се крена над градот ги вознемири струмичани и алармираа да се соберат голем број граѓани пред трговскиот центар.
„Во овој момент се обидуваме да се спаси она што може да се спаси. Јас верувам дека среќа е што нема човечки жртви, но ќе има голема материјална штета. Службите во наредниот период ќе можат да анализираат што била причината за овој пожар“, изјави струмичкиот градоначалник Коста Јаневски, откако пристигна на местото на пожарот.
И покрај силниот дожд вечерва во Струмица, има стотина граѓани кои го следат гаснењето на пожарот пред Глобал.
Полицијата го обезбеди просторот со лента за граѓаните да не го попречуваат движењето на противпожарните и полициските возила.
Се уште е неизвесно колкав дел ќе зафати пожарот и како ќе се движи. На струмичките пожарникари, им се придружуваат противпожарникарни екипи од околните населени места. Пристигнаа пожарникари од Радовиш, од Валандово и од Гевгелија.
Глобал гори повеќе од еден час, но и покрај противпожарните екипи пожарот се уште не е локализиран туку постојано се шири и зафаќа се повеќе простории во трговскиот центар.