Велешкиот градски водовод располага со доволно вода за пиење за населението поради што нема да има рестрикции во текот на летото.
Како што соопшти ЈКП „Дервен“, во Фабриката за вода, позната како Филтер станицата во Велес, се произведуваат околу 300 литри во секунда, а во најтоплите денови од летото просечната потрошувачка се движи околу 170 литри во секунда.
– Велес и покрај сушата и високите температури има доволно резерви вода за пиење. Граѓаните не треба да се грижат дека ќе немаат вода во своите домови. Одредено покачување на потрошувачката има, но капацитетот со кој располагаме е доволен за потребите на граѓаните, изјави портпаролот Тодорка Андреевска.
Прекини во водоснабдувањето се случуваат повремено и краткотрајно, дополни, ако има дефекти на водоводната линија или поради поставување нови куќни приклучоци.
Водоснабдувањето се одвива преку хидросистемот „Лисиче“ кој со вода се снабдува од реката Тополка, а потоа водата се преработува.
Според Андреевска, можноста за производство е околу 300 литри вода во секунда, а во најтоплите денови од летото просечната потрошувачка се движеше околу 170 литри. Преработената вода редовно се контролира од стручни екипи на ЈЗУ Центар за јавно здравје и досегашните контроли покажуваат дека е безбедна и хигиенски исправна, како и дека нејзиниот квалитет ги задоволува законските прописи согласно Правилникот за квалитет на водата за пиење.