Со положување цвеќе пред Споменикот на Револуцијата во центарот на Тетово денеска повеќе здруженија, граѓани и ученици од градот и околината го одбележаа 11 Октомври – Денот на народното востание во Република Македонија.
За значањето на празникот, реферат пред присутните прочита претседателот на Сојузот на борци од Тетово Јоцко Димитриески.
– На 11 октомври 1941-та година уште еднаш се разгоре револуционерниот македонски дух, решен на својот пат и по цена на многу жртви и со крајни напори, да му стави крај на повеќегодишното ропство на македонскиот народ и да ја изведе Македонија на широките патеки на слободата, и покрај помоќниот и подобро вооружен окупатор. Вековните идеали конечно беа остварени по четиригодишна Народноослободителна војна, кога на 2 август 1944 во манастирот „Св. Прохор Пчински“ беше одржано Првото заседание на АСНОМ, кога беа удрени темелите на современата македонска држава со што македонскиот народ ја доби долгоочекуваната национална слобода во рамките на тогашната нова југословенска заедница, со што практично беа остварени илинденските традиции на македонските револуционери, рече Димитриески.
Цвеќе положија делегации на Сојузот на борци од Тетово и нивните соборци од Штрпце, гарнизонот на АРМ, локалната самоуправа, од политичките партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и НСДП, воените инвалиди, резервните воени старешини, Здружението на пензионери, Здружението „Херои 2001“, учениците од основното училиште „Андреа Савески-Ќиќиш“ како и Здружението на Срби и Македонци и Друштвото за македонско-хрватско пријателство.
Во рамките на одбележувањето на празникот беше и настапот на културно-уметничкото друштво „Бранко Чајка“ од Тетово.