Институција Судски совет ќе се води со интегритет, непристрасност и со максимални напори за заштита на судската независност на сите судии во нашата држава. Ова е куќа на судиите, ова е куќа за судиите, порача новоизбраниот претседател на Судскиот совет Александар Камбовски.
Секој судија којшто не работи според законите, Камбовски изрази уверување дека местото нема да му биде повеќе во судскиот систем, додека сите други судии коишто работат чесно ќе имаат максималната поддршка на Судскиот совет, вратите ќе им бидат отворени, телефонските линии 24 отворени и ќе можат да се обратат за заштита од „било каков притисок, било какво влијание“.
– Покрај тоа што ја контролираме нивната работа, ние ги охрабруваме да работат согласно законите, согласно Уставот и сите тие судии коишто постапуваат на овој начин ќе ја имаат нашата безрезервна поддршка да се охрабрат и да постапуваат и де не потпаѓаат на никакви влијанија. Оние другите судии коишто не постапуваат на овој начин исто така ги уверувам дека нема тоа да помине без никаква одговорност, изјави Камбовски.
Во однос на најавите за разрешување на членовите на Судскиот совет избрани во Собранието, Камбовски рече дека во принцип Советот не сака да коментира изјави на поединечни политичари, меѓутоа „длабоко сме уверени дека Собранието како уставотворец, како законодавец ќе го почитува и Уставот и законите и ќе постапува согласно нив“.
Прашан дали ќе има одговорност за судијата Енвер Беџети, кој се најде на црната листа на САД, Камбовски повторно изрази уверување дека „секој судија којшто не работи според законите, туку според некои негови лични интереси или потпаднал под влијание, дека местото нема да му биде повеќе во судскиот систем.
– Крајно време е да ставиме крај бидејќи во Македонија има 400 судии и крајно време е тие што се 15, 20 да ги тргнеме од нашите редови, не кажувам конкретно за судијата Беџети бидејќи постапка треба да има, изјави Камбовски, посочувајќи дека постапките се тајни и не може да споделува детали во смисла дали има постапка, нема постапка.
Во однос на тоа дали ќе иницира средба со премиерот Христијан Мицкоски, како неговата претходничка Весна Дамева, Камбовски, рече дека „апсолутно треба да имаме соработка, и со извршната и со законодавната власт“.
-Ние сме дел од системот на владеење во оваа држава, на трите власти. Ние мора помеѓу нас и да се помагаме и да се контролираме. Таа е и смислата, и затоа е направен Уставот на тој начин. Тоа во светот функционира. Кај нас некако тешко се воспоставуваат тие спреги на проверка и баланс меѓу трите власти, меѓутоа се надеваме дека ќе успееме да постигнеме повисок стандард на постапување и на соработка, изјави Камбовски.
Според Камбовски, соработката не треба да се сфаќа како мешање на извршната власт во судската или обратно судската во извршната.
Судскиот совет денеска на 510-тата седница со 13 гласа го избра за нов претседател судијата Александар Камбовски, кој доаѓа од Апелација Битола и е член на Советот од јуни минатата година.