Во студентските домови примени 5.801 студент, слободни уште 155 места

Од:

Во студентските домови досега по конкурс се примени 5.801 студент. Слободни остануваат уште 155 места кои државните студентски домови согласно Законот за студентски стандард имаат право да ги пополнат со студенти, по економски цени односно по цени кои ќе ги утврдат управните одбори на домовите.

Ова денеска на прес-конференција го истакна заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој рече дека согласно податоците добиени по завршување на процесот за пријавување и одобрување апликации за сместување во студентските домови, заклучно со 22 септември, вкупно 5.364 студенти кои доставиле електронска апликација на интернет порталот www.smestuvanje.mon.gov.mk поднеле и документација до МОН.

Комисијата, посочи Ристовски, утврди дека 12,3 отсто од апликациите се со неточни податоци, односно податоците во електронската апликација не се идентични со податоците во доставената писмена документација.

– Сепак, оваа година имаме драстично подобрување на успешноста на пријавувањето за сместување во студентски домови, за разлика од минатата година кога бројот на неуспешни апликации изнесуваше 43 отсто од вкупно поднесените апликации, потенцира Ристовски.

Појасни дека значително го олесниле процесот на аплицирање за сместување во студентски домови, го намалиле бројот на потребните документи што студентите ги доставуваат до МОН, затоа што почнал да функционира системот на службено обезбедување на документација од Агенцијата за вработување, Управата за водење на матични книги и МВР, така што студентите биле ослободени од чекањето по шалтери за добивање документи за државјанство, изводи од матична книга на родени/умрени и потврди за работен статус на членовите на семејството.
– Како Министерство исклучително сме задоволни од распределбата на студентските легла затоа што и овој пат таа се спроведе максимално транспарентно и правично, онака како што наложуваат одредбите во новиот Закон за студентски стандард, истакна Ристовски.

Конкурсот, нагласи, за годинава предвиде 5.956 слободни места, а распределбата на леглата се вршеше согласно Законот за студентски стандард, донесен минатата година по 14 години и според кој предност се дава на студентите кои потекнуваат од социјално загрозените семејства.

– Тоа е прва категорија студенти со опфатност до 40 отсто од вкупниот број легла. Втората категорија се студенти кои постигнале особено висок успех во текот на досегашното учење и нивната опфатност е до 25 отсто, додека во третата категорија се студенти кои не се опфатени во претходните две категории за кои се предвидени до 35 отсто од вкупниот број легла во домовите. Дваесет отсто од леглата се обезбедуваат за студентите – бруцоши, додаде Ристовски.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека реконструкцијата на студентските домови започна и дека во рамки на студентскиот дом „Стив Наумов“ се отворени новите прифатни простории односно новиот комплекс на тој дом.

– Првата фаза од реконструкцијата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ е започната и чини повеќе од 76 милиони денари. Комплетната реконструкција ќе се спроведува во четири фази односно ќе се оди на реконструкција на блок по блок заради потребата барем три четвртини од домот да бидат во функција да прифаќаат односно сместуваат студенти. Поради тоа се одлучивме да одиме фазно, истакна Ристовски.

За студентскиот дом „Невена Георгиева Дуња“ (Медицинар), посочи, е изготвено посебно идејно решение. Пред почетокот на академската година и процесот на сместување, рече дека имале неколку состаноци со Студентскиот парламент и од нив бил побаран став и предлог што предлагаат за оваа академска година и дали воопшто да се објавуваат студентските места кои се останати во Медицинар.

– Во договор со Студентскиот парламент констатиравме дека оваа година нема да се објавуваат студентските места во рамки на студентскиот дом „Невена Георгиева Дуња“ или популарно Медицинар. По реконструкцијата на „Гоце Делчев“ нашите планови се да се продолжи со активностите поврзани со Медицинар, додаде Ристовски.

Би можело да ве интересира

Јаневска: Се разговара со синдикатот за повисоки плати на наставниците

Раст на платите во јавната администрација и образованието ќе има следната година

Независниот синдикат порачува: Нека се скрати на превоз на пратеници, на апанажи, на службени возила и ќе има пари и за просветните работници

Предраг Петровиќ

Јаневска: Нашите ученици каснат многу во однос на нивните врсници во Европа

(ВИДЕО) Баковска: Нема образовни асистенти во училиштата, гневни се родителите на децата

Наставниците нема да добијат зголемување на платите во септември, ќе има во март