На подрачјето на Скопје вчера се случиле 13 сообраќајни незгоди. Во три од сообраќајките, со тешки телесни повреди се здобиле три лица, двајца пешаци и еден возач на мотоцикл. Во седум сообраќајки со полесни телесни повреди се здобиле 11 лица, а во три незгоди има последица материјална штета. Сообраќајната полиција евидентира и една незгода со мала материјална штета во која што е пополнет Европски извештај.
Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција се санкционирани четворица возачи кои не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците, тројца пешаци кои поминале на црвено светло, девет возачи кои ги паркирале возилата на пешачките премини и во зона на крстосница, двајца возачи кои ги управувале возилата под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, 16 возачи коишто не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, од нив четири возачи се движеле со поголема брзина од 90 километри на час во населено место. Санкционирани се и 19 возачи кои ги управувале возилата по истекот на важноста на сообраќајната дозвола или без возачка дозвола, 14 возачи кои го користеле мобилниот телефон за време на управувањето на возилата, како и седум возачи на велосипед, мотор и мотоцикл кои не го носеле заштитниот шлем при управувањето на возилата.
Со помош на специјалното возило „пајак“ од страна на сообраќајната полиција отстранети се 60 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
Вчера се реализира сообраќајната поука со граѓани учесници во сообраќајот во својство на возачи кои со возилата непрописно се престроиле пред крстосница, кои не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управувањето на возилата, како и возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење.
Во сабота и недела МВР во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата ќе реализира регионални натпревари во рамките на сообраќајните акции „Детски семафор“ со учениците во основните училишта на подрачјето на Град Скопје. Натпреварите ќе се одржуваат во ОУ „Војдан Чернодрински“ во општина Карпош.
Во недела на поголем дел од сообраќајниците во Скопје ќе има изменет режим на сообраќај поради одржување меѓународна спортска манифестација Атлетски маратон Скопје 2014. Сообраќајот ќе биде пренасочуван на повеќе сообраќајници во Аеродром, Центар, Карпош и дел од Ѓорче Петров.