До крајот на месецов трае запишувањето на децата во прво одделение родени во 2012 година, и дечињата родени во јануари 2013 година, наведоа денеска одговорните од секторот за образование од општина Куманово.
Формално е така, но практиката покажува дека првачињата се запишуваат и во текот на летниот период се до почетокот на новата учебна година.
Според податоците со кои располага секторот за образование, за наредната учебна година во прво одделение треба да бидат запишани 1.696 деца, но според анализите направени од основните училишта бројката на првачињата ќе биде помала за околу 90, односно ќе бидат запишани 1.607 деца.
– Што се однесува до списоците што се доставени до училиштата, секогаш го потенцирам податокот дека тоа се неажурирани списоци на деца, од причини што се даваат податоци колку деца се родени, изјави раководителот на секторот за образование Жика Крстевски.
При запишување на учениците во најголем број случаи се почитува реонизацијата, велат надлежните, но постојат и исклучоци поради што учениците кои живеат подалеку од два километри од училиштето го губат правото на бесплатен училишен превоз.
– Им сугериравме на училиштата децата од одреден реон да треба да бидат запишани во нивното матично училиште, бидејќи има тенденција деца кои треба да се запишат во основните училишта „Толи Зордумис“ и „Вук Караџиќ“, да се запишуваат во централните градски училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, посочи Крстевски.
Тој наведе дека не постои закон со кој им се забранува на родителите да ги запишуваат учениците во друго училиште, истакнувајќи дека мора да се обрне внимание на тоа бројот на учениците во една паралелка да не биде поголем од она што е предвидено со законот, односно меѓу 25 и 34 ученици во една паралелка.
– Укажано им е дека не треба да го кријат поголемиот број на деца. Вишокот деца треба да бидат запишани во матичните училишта. Ние тоа не можеме да го забраниме, но можеме да им сугерираме на училиштата да не се борат за деца. Сега генерално бројот на деца опаѓа, па е настаната грчевита борба за што поголем број на деца, бидејќи доколку наставниците останат со помал број на часови, кадарот по одделенска и предметна настава моќе да остане без работа, нагласи Крстевски.
Надлежните се надеваат дека со реформите што се предвидуваат со новиот закон за образование односно предлогот да се намали бројот на учениците во паралелките од 12 до 20, наместо од 25 до 34 ученици во една паралелка, наставата ќе биде попродуктивна, но и ќе се намали притисокот што сега постои кај наставниот кадар поради намалување на бројот на паралелките.
Минатата година биле запишани 1.160 првоодделенци.