Во прв круг избрани градоначалници во 43 општини, втор круг ќе има во 33 општини, во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа ќе се повтори изборниот процес

Од:

Во 43 општини во државата гласањето е завршено во првиот круг за избор за градоначалници, во 33 ќе има втор круг, а во четири општини ќе се повтори првиот круг поради недоволен цензус. Излезеноста на локалните избори е 46,63 проценти, односно на изборите излегле да гласаат 854.620 граѓани, објави Државната изборна комисија првичните официјални резултати од Локалните избори одржани на 19 октомври.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, соопшти дека согласно примените оригинални записници од сите ОИК, во 33 општини за две недели на 2 ноември ќе има втор изборен круг за избор на градоначалник. За градоначалник на Град Скопје во вториот круг ќе одат Амар Мециновиќ од Левица и Орце Ѓорѓиевски од Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ.

-Во вториот изборен круг за победник се смета оној кандидат кој ќе освои повеќе гласови, нема цензус, рече Кондарко.

Во четири општини каде што не се исполнети законските услови за излезност од законскиот минимум од една третина од запишаните избирачи на ниво на општина, ќе се повтори целиот прв изборен круг и тоа во рок од 60 дена од денот на објавувањето на конечните резултати.

Повторување на првиот круг на избори поради недоволен цензус ќе има во Гостивар, во Маврово и Ростуше, Врапчиште и во Центар Жупа.

ДИК ги соопшти и освоените советнички мандати по опшини на Локалните избори.

-Со тоа ДИК ги објави целокупните првични официјални резултати од гласањето на локалните избори за избор на градоначалник на општините, за советници во општините, како и за избор на градоначалник на Скопје и за Советот на град Скопје. Рокот за приговори за сумираните резултати тече 48 часа почнувајќи од 22 часот вечерва, завршувајќи во среда на 22-ри, до 22 часот, рече Кондарко.

Тој потсети дека во меѓувреме од вчера тече и рокот за постапката за евентуални приговори за текот на гласањето.

-Тој рок започна од вчера од 19 часот и завршува до утре, вторник во 19 часот. Приговорите се поднесуваат директно до ДИК. Поднесување приговри по пошта и по електронска пошта не се дозволени, потенцира Кондарко.

ДИК вечерва како неосновани ги отфрли приговорите за наводни нерегуларности во изборниот процес поднесени од Група избирачи Билјана Ивановска за градоналалник на општина Центар и на Група избирачи Јане Димески за советничка листа за општина Центар.

Претходно ДИК ја затвори 147 седница, која беше започната завчера, бидејќи како што кажа претседателот на ДИК, Борис Кондарко, во меѓувреме нема пристигнато нови приговори по однос на заштита на лично избирачко право.

Би можело да ве интересира

Ѓорѓиевски: Скопје гласаше за визија, за конкретни проекти и за одговорно работење

Катерина Ѓуровски

Николоски: Македонија е обоена во црвено, ВМРО-ДПМНЕ ја има убедливо најголемата победа

Во пет од десет скопски општини ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе имаат мнозинство во советот

Костадинов бара заминување на раководството на СДСМ

Димитриевски и независниот Стојковски во втор круг за градоначалник во Куманово

ВМРО-ДПМНЕ за советнички листи освои околу 301.000 гласа, СДСМ 125.000, НАИ 114.000, ВРЕДИ 91.000, ЛЕВИЦА 57.000 и ЗНАМ 38.000