Во прилепско состојбата со поплавите под контрола

Од:

Раководителите на прилепското водостопанско претпријатие „Прилепско поле“ и на Регионалниот центар за управување со кризи од Прилеп денеска на терен ја  увидоа состојбата со Црна Река и со главниот одводен канал „Блато“ кај селото Чепигово.

Според раководителот на Регионалниот центар за управување со кризи, Илко Петкоски, состојбата со поплавени куќи и помошни простории во шест населени места во општините Прилеп и Долнени е под контрола.

– Станува збор за високо ниво на подземните води кои навлегле во куќите најблиску до нив. Нема нови пријави. Сите критични точки што ги имаше се ставени под контрола. Се разговараше со претседателите на месните заедници во селата. Не станува збор за поплави, туку за високо ниво на подземните води. Поради тоа имаше поплавено куќи и помошни простории кои се блиску до тие подземни води. Состојбата се следи и нема нови пријави, изјави Петкоски.

По процената на ситуацијата, нема излевања на главниот одводен канал „Блато“ кој се чисти последните четири години. Проблем прави Црна Река, вели директорката на Јавното водостопанско претпријатие „Прилепско поле“  Гордана Тошеска.

– Моменталната состојба со каналот „Блато“ кај Црна Река кај прилепско Чепигово не е критична. Синоќа имавме проблеми на одделни делници на кои се реагираше и нема некои големи проблеми. Проблемот настанува поради тоа што Црна Река не е чистена повеќе години, има дрвја и нанос, со што го успорува течението на водите од каналот „Блато“. Каналот четири години перманентно се чисти за да не се случуваат поплави во одделни села во близината на каналот. Порано, кога не беше исчистен каналот, се поплавуваа куќи во селото Чепигово. Годинава тоа не е случај. Излевање на реки во прилепско нема, туку високо ниво на подземните води, рече Тошеска.

Според Тошеска, пред да падне снегот, се чистеше каналот „Блато“. Сега ќе се чистат седум километри од овој канал и пет километри од каналот „Рибник“. Досега се исчистени 11 километри од каналот „Блато“.

Инаку, повеќе земјоделски површини во нискиот дел на потегот Прилеп- Кривогаштани се под вода. Тоа, според надлежните е поради наглото топење на снегот и дождовите што го крена нивото на подземните води.

Би можело да ве интересира

Првиот човек на Валенсија одбива да поднесе оставка за грешките за време на поплавите

(ВИДЕО) Во Шпанија се затвараат училишта, се евакуираат некои жители по обилните дождови

(ВИДЕО) Драматични сцени од Шпанија: Малага е под вода

Горан Наумовски

Санчез: Времето за политички дискусии за поплавите ќе биде по реконструкцијата

За настраданите од поплавите во Шпанија ќе донираат по 100 евра за секој километар што ќе го претрчаат на теренот

А1он

(ВИДЕО) Невремето од Валенсија се пресели во Барселона, поплавени улици, отежнат сообраќајот на возовите