Прилеп одбележува 12 години од масакрот кај Карпалак

Од:

Во центарот на Прилеп денеска ќе биде откриен новиот голем споменик „Прилепски бранители“ посветен на 10-те прилепски резервисти на Армијата на Република Македонија кои на денешен ден за време на конфликтот во 2001 година го загубија животот  во заседа кај месноста Карпалак на автопатот Тетово – Скопје.

Високиот модерен споменик лоциран среде кружниот тек на булеварот „Гоце Делчев“ кај Основниот суд ја симболизира вечноста на делата на сите прилепски херои.

На годишнината од овој настан, како што е најавено, делегации ќе ја  посетат месноста Карпалак. Во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп, пак, ќе се одржи панихида во спомен на загинатите бранители, а ќе биде положено цвеќе на гробовите на загинатите.

Одбележувањето на 12-годишнината од масакрот кај Карпалак  во Прилеп почна вчера со положување цвеќе пред спомен обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“ од семејствата на загинатите, преживеаните од конвојот, здруженија, претставници од АРМ и Касарната и од локалната самоуправа.

Оддавајќи им почит на загинатите, заменик командантот на гарнизонот мајор Ѓорѓи Василевски нагласи дека некои датуми и луѓе остануваат вечно во историјата и посочи дека Армијата во прилепскиот гарнизон ја презеде обврската да ја обнови спомен-собата на бранителите.

– Заедно со прилепската локална самопуправа ќе преземеме активности за реконструирање на спомен-собата во која покрај написите и сведоштвата за активностите на Петтата народно-ослободителна ударна бригада – прилепска чии слободарски традиции ги негува нашата единица, ќе биде опфатена и поновата историја и настанот кај Карпалак. Прилепските бранители Нане, Сашо, Веби, Бранко, Горан, Ердован, Дарко, Љубе, Пецо и Марко заслужија во кругот на оваа касарна да имаат катче посветено на нив каде ќе можат граѓаните на Прилеп, а посебно учениците да дојдат, да го почувствуваат патриотизмот и да учат како се сака и брани татковината, рече мајор Василевски.

За семејствата останува болката, а за учесниците во воениот конфликт да се исполнат правата на бранителите.

– Некои цели се исполнети, некои се во тек. Имаме доставено предлог закон до Владата и се надеваме дека ќе биде усвоен во догледно време, изјави Игор Петрески, претседател на здружението „Карпалак“.

Семејствата, соборците на загинатите ги посетија и спомен обележјето во селото Лениште кај Прилеп и манастирот „Света Петка“ во ова село.

На 8. август 2001 година армиски конвој составен од пет возила и 120 резервисти наиде на заседа кај месноста Карпалак. Во одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на државата загинаа Нане  Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски,  Горан Миноски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушидоски и Пеце Секулоски, сите од резервниот состав на АРМ од гарнизонот Прилеп.

Би можело да ве интересира

Петмесечно бебе со голема кашлица хоспитализирано во Прилеп

Вандали уништиле мермерни плочки околу спомениците – Урни во Могилата на непобедените во Прилеп

Четири работнички од Непал му избегале на газдата во Прилеп, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

Во прекин сообраќајот на патот Прилеп – Градско поради сообраќајка

Жена од Прилеп се заканувала дека ќе запали кафеана

Горан Наумовски

Одрон на патот Прилеп – Витолишта, сообраќајот се одвива отежнато

А1он