Подготовка на Меморандум за соработка за 2015/16 година помеѓу Македонската и Косовската академија на науките и уметностите беше тема на денешната средба во Скопје помеѓу делегации на академиите на двете земји предводени од претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски, и членови на академијата и од претседателот на Косовската академија на науките и уметностите Хивзи Ислами.
Како што соопшти МАНУ, документот треба да биде основа за интензивирање на научната соработка меѓу двете академии и поттикнување на пријателството и соработката меѓу двете земји.
– На состанокот беа разгледани 30-тина области и теми кои нудат можност за научна соработка, претставени од академиците со опширни излагања за конкретните полиња за работа. Како стратешки најважни и клучни домени за заемна соработка беа истакнати енергетиката, економската размена и соработка, животната средина и одржливиот развој, регионалната соработка во доменот на евроинтеграциите и медицината, се вели во соопштението.
Во поглед на овие теми, се наведува, беше истакната не само можноста за научно-истражувачка соработка туку и за скорешно организирање научни собири и конференции. Истовремено, беа истакнати и можностите за научно-истражувачка соработа во однос на јазичните истражувања на балканскиот јазичен сојуз и други подрачја на истражувања од природните науки, медицината, уметноста и културата.
Како конкретни активности кои ќе се реализираат во 2015 година беа усогласени издавањето на антологија на поезија на автори од двете земји, одржување заедничка изложба и предавања на македонски и косовски сликари, размена на публикации и изданија од двете академии и заедничко учество и организирање научни собири и конференции.
Делегациите на академиите се согласија за формирање работни групи со по два члена од секоја област кои ќе подготват акциски планови за соработка.
Меморандумот за соработка ќе биде потпишан веднаш по усвојувањето на конкретните теми и проекти на соработка од страна на соодветените одделенија на двете академии.