Општина Пехчево ќе гради Инфоцентар за туристичка логистика во рамки на проектот „Платформа за фестивалски туризам“ финансиран преку ИПА програмата за меѓугранична соработка и во партнерство со општина Брезница од соседна Бугарија.
Како што истакна Никола Каракашов, соработник во ЛЕР во Општина Пехчево ова ќе биде прв инфоцентар во регионот, а единствен ваков инфоентар постои и работи во Маврово.
– Овој период стартуваме со активностите за имплементација на проектот и согласно со временската рамка на активности. Наредната недела ќе го објавиме тендерот за изградба на инфоцентарот на кој можат да аплицираат градежни компании за изградба на овој за нас значаен објект, инфоцентарот, рече Каракашов.
Инфоцентарот ќе биде со површина од 76 м2, а самиот објект изграден од дрво ќе биде енергетски независен.
– Целиот објект ќе биде изграден од дрва и надворешно и внатрешно ќе биде од дрво. Ќе служи за логистика за развој на туризмот, за туристички информации, ќе биде од голема корист за регистрација на капацитетите, евидентирање на постечките, но и на новите. Исто така, овде се планирани активности за ревитализација на занаетите или работилници за нови занаети и слично. Изградбата треба да започне по завршување на административната процедура околу тендерот, а рокот за изградба е 5 месеци, рече Каракашов.
Во рамките на овој европски проект, Пехчево ќе набави и летна сцена за потребите на културните манифестации во Пехчево.
Проектот ќе се имплементира две години, а вкупната вредност е околу 450 илјади евра, средства кои Пехчево ги дели со Општина Брезница од соседна Бугарија.