Во Општина Аеродром промовиран првиот полнач за електрични тротинети кој работи на соларна енергија
Општина Аеродром стана првата општина во Македонија во која беше промовиран првиот полнач за електрични тротинети кој работи на соларна енергија, а ќе биде достапен за користење на сите граѓани. Станува збор за проект кој се реализира во рамките на проектот на Центарот за климатски промени, „Патоказ до вашата еко-паметна општина“, финансиран од амбасадата на САД, а кој е насочен кон поголемо искористување на обновливите извори на енергија.
Полначот е поставен во дворот на основното училиште „Александар Македонски“, а бидејќи е прв од ваков вид кој се поставува во Македонија, тој ќе биде во фаза на тестирање до 1 декември, по што сите граѓани ќе можат бесплатно да го користат. Со полначите, граѓаните ќе имаат можност бесплатно да користат чиста и зелена енергија, а со тоа директно да придонесат кон намалување на емисиите на загадувачки супстанци.
На денешната промоција присуствуваше градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, кој истакна дека општината континуирано инвестира во проекти и инфраструктура кои поттикнуваат користење на обновливи извори на енергија и промовираат алтернативни средства за сообраќај.
„Се надеваме дека овој проект ќе биде поттик за граѓаните да користат чиста енергија за транспорт, а со тоа заедно ќе придонесеме кон подобрување на животната средина во нашата општина.“, напиша Муцунски на својот Фејсбук профил.
Филип Стојановски од Центарот за климатски промени се заблагодари до Општина Аеродром за препознавањето на потенцијалот од овие идеи и заложбите низ изминатите 12 месеци да станат „Еко-паметна“ општина.
„Се надеваме дека овој пример ќе биде поттик и за останатите општини да размислуваат во насока на поголемо искористување на сончевата енергија и да овозможиме средина каде автомобилите ќе ги користиме се поретко и ќе имаме чиста и здрава животна средина“, истакна на денешниот настан.
Општина Аеродром е посветена на процесот на обезбедување здрава и чиста животна средина. Покрај денешната активност, општината постави фотоволтаици за сите основни училишта и градинки, активно работи на поставување енергетски ефикасни фасади на повеќе детски градинки и училишта, како и на доделување на субвенции за велосипеди и електрични тротинети. Веќе втора година во општината се реализира проектот „Clean AirDrom“ кој е финансиран од страна на Европската унија и има за цел да воспостави примарен систем за селекција и рециклирање на отпадот.