Современите достигнувања од областа на ревматологијата, како тие се имплементираат во македонското здравство и какво значење имаат за државата и здравјето на граѓаните во неа, се темите на Вториот македонски ревматолошки конгрес што во организација на Македонската ревматолошка асоцијација и Универзитетската ревматолошка клиника од Скопје, од денеска до 5. овој месец се одржува во Охрид.
На Конгресот што е со меѓународен предзнак односно со учество на бројни експерти од областа на ревматологијата од целиот свет, ќе се разменуваат и искуствата на здравствените институции од познати клиники и научно-истражувачки центри, а ќе се дискутираат и начините за справување со презвиците во односната област.
Како што истакна професор Јордан Чалоски, директор на Клиниката за ревматологија во Скопје, многу од она што се знае за ревматологијата се уште е на ниво на начините за лекување на воспалителните процеси кај човекот, а многу помалку внимание се посветува на превентивните активности што би спречиле развој на болестите од ревматски карактер.
– Токму превентивата е најголем предизвик за современата медицина но тешко е да се зборува за неа бидејќи настанувањето на ревматските болести се уште не е доволно разјаснето. Кај овие видови болести постои таканеречена мултифакторијалност, во која на прво место се генетските или наследните склоности, но и други фактори. Во денешно време зборуваме и метаболни фактори како што се зголеме телесна тежина како кофактор, стилот на живеење, недоволна физичка активност, со еден збор кажано, современата медиција се повеќе внимание обрнува на последичните врски кои доведуваат до развој на ревматските болести, а превентивата ќе биде предизвик за понатаму, истакна Чалоски.
Тој потсети дека ревматските болести директно влијае врз работната способност на населението, истовремено намалувајќи го односно нарушувајќи го квалитетот на живот на луѓето, особено во нивниот активен век.
– Модерната ревматологија која ние се стремиме како Македонска ревматолошка асоцијација, а поддржана и од Универзитетската клиника за ревматологија на Медицинскиот факултет, е во примената на најновите стандарди и протоколи за современо третирање на ревматските болести. Тие секако имаат и едно пошироко социјално и економско значење. Ние се трудиме, и на овој начин, преку овој собир, да ја подигнеме јавната свест за значењето на овие болести и од тоа да произлезат одредени стратегии во здравствениот систем како да се справиме со овие тешки болести кои ги засегаат луѓето во нашата земја, нагласи професор Чаловски.