Во Неготино започна спроведувањето на Програма за персонална асистенција на лица со попреченост. Воедно Програмата ќе се спроведува и во пет други општини: Битола, Гостивар, Куманово, Струга, Струмица и градот Скопје. Програмата е донесена од Влада на РМ, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, и за нејзино спроведување се издвоени 17.500.000 денари од буџетот на МТСП.
Корисници на услугите се лица со тешка и најтешка попреченост или лица со целосно оштетен вид, кои се граѓани на РМ, на возраст од 18 до 64 години. Оваа програма ќе обезбеди лична асистенција на 100 корисници во текот на 2018 година.
– Црвен крст на Република Македонија во оваа програма се вклучува како провајдер што ќе врши обука на личните асистенти.
Црвен крст на Република Македонија се јавува како давател на услугата за лична асистенција на лицата со попреченост.
Обуките почнаа од 10 мај и ќе траат до 9 јули, а потоа ќе почнат да се дават услугите на корисниците, за МИА појаснува Тоше Настов, секретар во Општинската организација на Црвен крст Неготино.
Тој потсетува дека Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост има за цел да придонесе за независно и самостојно живеење на лицата со попреченост и нивно активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина.
Персоналната асистенција на лица со попреченост е услуга од социјална заштита, преку која се обезбедува поддршка на лицето со попреченост во неговото осамостојување, согласно неговите индивидуални потреби.
– За прв пат државата обезбедува ваков вид поддршка за независно и самостојно живеење на лицата со потешка и најтешка телесна попреченост и лица со целосно оштетен вид и за нивно активно и рамноправно учество во општеството. Министерството за труд и социјална политика ќе го следи извршувањето на програмата во 2018 година заради обезбедување на квалитет на испорачаната услуга, како и планирање на проширување на опфатот и достапноста на услугата во наредниот период, додава Настов.