Во НБРМ се одржа 27. сесија на Клубот на истражувачи

Од:

На 7 декември 2017 година во Народната банка на Република Македонија се одржа 27. сесија на Клубот на истражувачи, на која, по отворањето на Клубот од страна на вицегувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, беа презентирани истражувачките трудови: „Извозната структура и економскиот раст, случајот на земјите од Западен Балкан“ на Бојан Шимбов и „Истражување на кредитната монетарна трансмисија во Македонија: докази од моделот на векторска корекција на грешките“ на Милан Елисковски.

Во трудот на Шимбов се разгледува ефектот од структурните промени коишто ги спроведоа земјите од Западен Балкан во изминатите дваесетина години и нивното влијание врз производната и извозната структура и економските остварувања. Анализата е направена врз основа на индексот на софистицираност на извозот (Hausman et al. (2007), а се анализира периодот од 1996 до 2015 година. Добиените резултати презентирани на оваа сесија на Клубот на истражувачи покажуваат дека подобрената извозна софистицираност има позитивно влијание врз економскиот раст на овие земји. Исто така, презентираните наоди покажуваат дека овој процес не произлегува од унапредувањето на нивото на произдводство на производите за извоз, со понапредно ниво на технологија и вештини во вкупниот износ, туку првенствено е поврзан со производите произведени со средно ниво на технологија и вештини. Резултатите до коишто има дојдено Шимбов, покажуваат и дека овој процес, во значителна мера зависи од учеството во меѓународни производни мрежи и присуството на странски фирми.

Во презентираниот труд на Елисковски, тема на истражување е монетарната кредитна трансмисија во Република Македонија, односно ефектите од монетарните сигнали на Народната банка врз кредитирањето на банките. Кредитната трансмисија, Елисковски ја анализира преку нејзината тесна природа позната како банкарски канал за кредитирање. За да се објасни како функционира каналот за кредитирање на банките во Македонија, во презентираниот истражувачки труд се разгледуваат и економетриски се тестирааат два теориски модела – првиот е традиционалниот банкарски канал, објаснет во моделот на Бернанке и Блиндер, а вториот е моделот на кредитно ограничување, објаснет од Стиглиц и Вајс. Економетриската методологија применета во овој труд е позната како модел на векторска корекција на грешките, соодветна за емпириско тестирање засновано врз временски серии. Емпириските резултати до кои е дојдено при истражувањето прикажано во трудот на Елисковски, покажуваат дека моделот на Стиглиц и Вајс подобро го објаснува однесувањето на банките во Република Македонија. Поконкретно, тие доведуваат до заклучок дека кај банкарскиот сектор има одбивност кон ризиците заради што ги ограничува кредитите со цел да не се влоши неговата профитабилност. Во презентацијата на трудот беше потенцирано дека како резултат на истражувањето е дојдено до констатација дека според Елисковски, монетарните рестриктивни сигнали јасно влијаат на банките за да го ограничат кредитирањето, додека монетарните експанзивни сигнали треба да бидат поддржани од поволната билансна структура на банките, како и од поволните макроекономски услови за да се поттикне кредитирањето.

Во рамки на сесијата, меѓу присутните истражувачи се водеше и дискусија поттикната од изложените истражувачки резултати од трудовите на Бојан Шимбов и Милан Елисковски.

Следната сесија на Клубот на истражувачи ќе се одржи во март следната година.

Би можело да ве интересира

Ангеловска-Бежоска: Се уште не гледаме позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната

Ангеловска-Бежоска: Финансиската вклученост е значително зголемена изминатите години, работиме на натамошно унапредување

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити за домаќинствата во март 5,4 проценти

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Девизните резерви на крајот на февруари 4,28 милијарди евра

Се одржа јубилејната 50. сесија на Клубот на истражувачите