Во Куманово е мирно. Дел од улиците од ноќеска се блокирани за сообраќај и забележливо е зголемено полициско присуство во центарот на градот. Во овој дел од Куманово се лоцирани повеќе институции, државни и општински, кои функционираат непречено. Судот и Општината работат, а граѓаните нормално се движат.
Дамјановски на прес-конференција информира дека по полноќ во градот се блокирани две улици поради што Општината постојано добива јавувања од граѓани со прашања што се случува. По контактите со МВР, градоначалникот добил информации дека станува збор за засилени мерки за безбедност, но детали не му биле соопштени.
– По завршување на дејствата од минатиот викенд немаше блокади, градот беше отворен, а сега имаме засилена безбедност, рече Дамјановски. Го замолувам МВР што поскоро да излезе со информации за македонската и пред се за кумановската јавност, да даде објаснување што се случува во градот, рече Дамјановски.
Портпатролот на МВР Иво Котевски претпладнето за МИА информира дека се преземаат мерки за безбедност во Куманово.
Минатиот викенд во кумановската населба „Тоде Мендол“ полицијата спроведе акција за разбирање терористичка група. Во 28 часовната акција беа ликвидирани 14 терористи, 30 беа приведени и за нив е одреден 30 дневен притвор и е почната истражна постапка. Во тек на акцијата загинаа 8 полицајци, а 37 беа повредени. Комисија составена од претставници на Владата и на Општина Куманово почна проценка на штетите на домовите на населението во „Тоде Мендол“ кое беше евакуирано во акцијата. Владата најави 100 процентно покривање на штетите.