Во Куманово денеска се одржа координативна средба на градоначалниците од коалицијата „За подобра Македонија“ кои беа избрани во првиот круг од локалните избори.
Средбата се реализира во рамки на поддршката на кампањата на Зоран Ѓорѓиевски како кандидат за градоначалник на Куманово, а на неа присуствуваше и вицепремиерот за економски прашања и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Пешевски.
– Филозофијата на економскиот развој се базира на нејзина реализација на локално ниво. Во дел од општините веќе се постигнати извонредни резултати, а во дел се работи на забрзан економски развој. Дел од тие искуства очекуваме да бидат пренесени и во Куманово. Токму во таа насока е и оваа денешна средба бидејќи кумановци конечно треба да видат што значи да се води еден град одговорно и реално да се стави акцент на економскиот развој, изјави Пешевски.
Истакна дека Владата ќе помогне во реализацијата на сите проекти што се зацртани, односно на сето она што ќе биде генерирано како идеја во периодот што следи.
Прашан зошто токму во Куманово се одржува координативната средба, Пешевски рече дека реализацијата на владината програма за економски развој се базира на нејзина соработка со локалните самоуправи и со градоначалниците.
– Сметам дека во кандидатот Зоран Ѓорѓиевски ќе имаме одличен соговорник, човек што ќе знае да помогне во реализацијата на тие програми. Нашата највисока цел е да им помогнеме на граѓаните да постигнат повисок животен стандард, рече Пешевски.
Кандидатот за градоначалник Ѓорѓиевски се заблагодари за дадената поддршка. – Голема благодарност до сите мои идни колеги. Дел од нив имаат и втор мандат како градоначалници и благодарен сум што ми ја дадоа поддршката за овие избори во вториот круг. Се надевам дека со заедничка соработка ќе го водиме Куманово по еден многу подобар пат, рече Ѓорѓиевски.
На средбата беа присутни градоначалниците на Кратово, Крива Паланка, Свети Николе и скопските општини Илинден и Гази Баба.
