Нова пауза на денешното рочиште за предметот “Титаник 3” даде судијката Марија Клетничка. Советот по паузата одлучи да не го прифати барањето на адвокатот на обвинетиот Исмет Гури, странски вештак да вештачи дали потписите на записникот за гласање, сумирање и утврдување резултати од гласањето во 2013 година во Чаир се имитација.
Арслани претходно рече дека Бирото за судски вештачења ги известило дека нема графолошки вештак со валидна лиценца во државата.
Станува збор за потписи, кои Гури ги ставал на записниците до преправаните бројки за освоените гласови, каде што требало да стои потписот на претседателот на избирачкиот одбор.
Откако судот не го прифати барањето на адвокатот, беше предложен распит на обвинетите Исмет Гури и Ејуп Алими за следното рочиште на 26 август.
Во третиот „Титаник“ на СЈО обвинети се пратеникот на ДУИ, Ејуп Аљими, и Исмет Гури, заменик директорот на УЈП Скопје. Како членови на општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништиле изборен материјал.
Според обвинението, Аљими и Гури влијаеле директно врз изборниот резултат и ја фалсификувале изборната волја на граѓаните на Чаир за да остварат политичка моќ. Првото рочиште за предметот се одржа на 16 март 2018 година.