Тимот вештаци од Градежниот факултет со жалење констатира дека од противпожарна заштита во објектот каде се наоѓала дискотеката „Пулс” биле преземени нула мерки, изјави судскиот вештак и професор на Градежен факултет при УКИМ, Горан Марковски, на денешното судење за пожарот во кочанската дискотека, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Прописни излези за евакуација од објектот имало нула, додека според површината на објектот капацитетот на гости бил 363, а критичната вечер имало над 600 посетители.
-Објектот немал каде да дише. Целата температура се задржувала внатре. Ниту една мерка немало преземено која би го олеснила ризикот или ефектите од појавата на пожарот. Напротив одредени мерки само ја мултиплицирале температурата и направиле внатре да биде неподносливо – изјави Марковски.
Тој посочи дека до Градежниот факултет биле доставени материјали да се направи класификација согласно стандардите, при што било констатирано дека имало вграден стрипор, што во најдобар случај може да виде класифициран како нормално горлив материјал и испушта токсичен чад и горливи капки.
-Вториот доставен материјал е тервол или стаклена волна и спаѓа во Класа А2 негорлив материла и е комплетно стабилен до 800 степени целзиусови, не гори и не испушта капки. Од промената на бојата може да се заклучи дека температура во клубот има достигнато минимум 800 степени целзиусови. Како доказ за тоа, ни послужи и тоа што голем дел од челичната конструкција на објектот се извитоперени и деформирани како последица на вака високите температури, а наидовме и на стопени стаклени шишиња што е последица на екстремно високи температури – изјави Марковски.
На прашање од обвинителот Дарко Јакимовски, Марковски рече дека секако причинско-последичните врски се многубројни и оти за жал не наишле, а се обидувале да дојдат до податок дека нешто е преземено за последиците да бидат намалени – од вид на материјали, контрола, ангажирање и изработка на прописна документација, ангажирање лиценцирани фирми за пренамена и стручен надзор.
-Сето ова поврзано со градежните аспекти води кон ваква последица. Што друго можеме да очекуваме, не само за овој, туку и за други објекти, ако биде изведен без проект и стручен надзор освен тоа да ни се врати како бижумеранг – изјави Марковски.
Прашан дали има и какво е значењето на вградените материјали за последиците, Марковски, кој во време на изработка на градежното вештачење бил декан на Градежен при УКИМ, прво се осврна, на минимално техничките услови, како еден од основните услови за добивање на лиценца за работа, посочувајќи дека капацитет на гости според површината на објектот пред 2024 е максимум 472, а по 2024 година е 363 гости.
Минимум, според минимално технички услови, Марковски посочи дека треба еден излез на 100 посетители, додека во клубот „Пулс“ имало главен и спореден, кој бил затворен вечерта.
-Вентилацијата треба да обезбеди проток на воздух до 20 пати, а во „Пулс“ имало четири вентилатор делумно маскирани со гипс картон плочи. Според стандардите потребни се 30 паркинг места, при што „Пулс“ има нула места на своја парцела и сите паркинг места се на туѓо државно земјиште без согласност на општината – посочи Марковски.
Во однос на противпожарната заштита, Марковски рече дека објектот требало да биде поделен на сектори, а бината не била изолирана како посебен пожарен сектор со фиксен систем за гаснење.
-За жал во овој случај жариште на пожарот е токму над бината. Да била поделена со помарен сектор, ширењето на пожарот во останатиот дел од објектот би било спречено и последиците помали- изјави Марковски.
Врз основа на дозволениот број на посетители и конфигурација на објектот, Марковски рече дека законски потребни се минимум три излези за евакуација со вкупна широчина од 4,2 метри.
-Во објектот има главен излез, кој ги немал сите потребни елемент да биде дефиниран како противпожарен излез. Се работи за специјални внатрешни рачки кои само со туркање ќе овозможат отворање нанадвор и за кочници кои ќе го закочат вратите отворени. Во непосредна близина на оваа врата имало двокрилна двонасочна врата без состем за колење. Во објектот постоел спореден излез со ширина од еден метар кој ниту по димензии, материјал и функција не може да се смета за противпожарен излез. Дополнително оваа врата води кон необезбеден простор над ископот околу објектот со дополнителна опасност од паѓање на луѓето во услови на паника. Оваа врата во критичната ноќ била заклучена и дури и со сите свои недостатоци не можела да послужи за евакуација. Третата врата е врата што води кон канцелариите, која е дрвена, обична и не обележана со панично светло и не може да биде вратаа за евакуацијата. Значи прописни излези за евакуација во објектот имало нула- изјави Марковски.
Во однос на користените материјали и внатрешноста на објектот, вештакот посочи дека постоечките прозорци биле целосно блокирани со стиропор, стаклена волна и лим од внатрешноста. Не само што низ нив не можел да се проветри просторот, туку внатрешниот лим акумулира дел од температурата и паралелно ја зрачел околу себе.
Во објектот, исто така, не постоел функционален систем за одвод на чад и вентилација, нема панично светло, дојава за пожар, нема хидрантска мрежа (имало еден хидрант внатре што не бил во функција) и во објектот имало два противпожарни апарати наместо пропишаните четири. Во објектот бил вграден полиетиленски сунѓер што е лесно запалив наместо графитен сунѓер што бил наведен во основниот проект.
Родителите на загинатите деца во пожарот, во изјава за медиуми на паузата од денешното рочиште, порача дека вештаците јасно заклучуваат дека не станува збор за обична адаптација, туку за реконструкција во смисла на Законот за градење и прашањето е кој требало да го види и контролира тоа.
-Вештиот наод покажува дека од 2012 до 2024 година во објектот биле вршени сериозни градежни зафати – се зајакнувала конструкцијата, се граделе скали и галерии, се затворале прозорци, се подигнувале нови ѕидови, се менувала електричната инсталација, се менувале условите за евакуација и противпожарната заштита. И потоа следи реченицата што отвора многу прашања: „Ниту една фаза не е проследена со проект, надзор или инспекциски записник“ – изјави Александар Наунов.
Ако 12 години имало реконструкции без проект, без надзор и без инспекциски записник, тогаш, посочи Наунов, не зборуваме за еден пропуст, туку зборуваме за систем кој предолго не гледал таму каде што требало, а цената ја платија 63 млади животи.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Следното рочиште е закажано на 12 август.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.
