Вештак на судењето за „Пулс“: Документацијата за дискотеката била делумна и немала правна важност

Од:

Со сослушување вешто лице предложено од одбраната на обвинетата Милка Едровска, инженерка од фирмата „Венци Проект“, чија документација првообвинетиот Дејан Јованов ја користел за решенија и лиценци, денеска во судницата во затворот „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
​
Техничкиот советник Османли Јорго, кој го изготвил вештиот наод и мислење на барање на Едровска, пред судот истакна дека документот изготвен 2012 година од обвинетата Едровска преку „Венци проект” и насловен како „Основен проект“ претставува само делумна и непотполна проектна документација која ги нема сите фази предвидени со Законот за градење.

– Ниту е ревидиран од овластен ревидент, ниту е испратен на анализа во Општина Кочани и мислам дека нема никаква улога во добивањето решенија и лиценци. Единствено е само хартија. Овој документ со сигурност не може да ги потврди сите градежнотехнички услови за користење на објектот како дискотека бидејќи не е поврзан со Законот за угостителство – изјави вештакот.
​
Според неговиот исказ, внатрешното уредување и организација на објектот биле извршени пред изрботката на предметниот документ од Милка Едровска.

– Немало никаква промена во фактичката состојбата во објектот и на сообраќајниот режим пред него – согласно увидот во списите, реновирањето на објектот е во 2024, што значи и во 2023 се било исто како и во 2012 година. Повторно, ако еден проект не е ревидиран и однесен во општина нема никаква правна важност, според мене. Јас сум инжинер – изјави вештакот.

Прашан дали со овие документи Милка Едровска му помогнала на инвеститорот Дејан Јованов да добие лиценца за работа, вештакот рече дека “не гледам начин на кој Милка Едровска би му помогнала на инвеститорот да добие лиценца со неважечки документ”.

-Согласноста од СВР Штип е пристигната во Министерството за економија на 17.12.2012, а лиценцата е издадена на 13.12.2012. Лиценцата е издадена четири дена порано од изработката на документот. Од тоа можеме да заклучиме дека лиценцата не е издадена врз основа на тие документи – изјави Османли Јорго.

На прашања од Обвинителството, вештакот потврди дека документот насловен како „Основен проект“ со трите елаборати е потпишан од обвинетата Милка Едровска и дека во неговата содржина никаде не стои дека се работи за делумен проект без сите потребни фази.

Одговарајќи на прашање од адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на првообвинетиот, тој потврди дека за потребите на вештачењето не извршил увид на лице место.

Коцевска, исто така, наведе приговор на целото вештачење и побара од Судот да не го прифати како релевантен за утврдување на фактичката состојба за оваа постапка.

Откако Судот го отфрли ова барање, Коцевска, поради како што рече неусогласеност на вештачењата, побара да бидат повикувани на соочување сите вешти лица или во неможност за тоа, да се изработи супервештачење.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска најави дека за следното рочиште, странките кои имаат вештаци треба да ги обезбедат за соочување или да обезбедат писмено мислење од нив за аспектите во кои вештите наоди и мислења се контрадикторни.

Обвинетиот Зоран Николовски, како приговор на исказот на овој вештак рече дека во однос на лиценцата во Министерството за економија согласноста од МВР е пристигната два пати.

-Во однос на согласноста од МВР пристигната во Министерството за економија на 17.12.2012, тоа е по вторпат, и тоа по мое барање до Пазарна и ДПИ. Во предметот имаше согласност од МВР пристигната на 29.11.2012. Таа, што се кажува од вештакот е по вторпат – изјави Николовски, кој бил службеник во Министерството за економија, што работел на предметот за издавање лиценца за дискотеката Пулс.
​
Родителите на децата коишто ги загубија животите во пожарот на 16 март 2025 година во дискотеката “Пулс” во Кочани, во изјава за медиумите на пауза на денешното рочиште, реагираа на исказот на вештакот на „Венци Проект“, според чие тврдење во судница проектната документација била изработена пред реконструкцијата на „Пулс“.

– Кој ја проверил и одобрил таа документација? Дали биле испочитувани законските постапки и како било дозволено нејзиното користење? Документацијата не смее да биде параван за прикривање незаконитости, ниту оправдување за институционалните пропусти. Ако надлежните навреме постапеле и го затвореле објектот, „Пулс“ немало да работи на 16 март 2025 година – изјави Александар Наунов.

Цената за тие пропусти, нагласи Наунов, ја плативме ние, родителите, со најсветото што го имавме – нашите деца.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и продолжува на 11 ноември со изведување докази на одбраната, која има најавено повеќе од 240 сведоци.

Судењето почна на 19 ноември 2025 година, кога осум месеци по трагедијата на обвинителна клупа седнаа 35 обвинети физички и три правни лица. Во меѓувреме еден од обвинетите, Љупчо Грнчиштанов почина.

Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Би можело да ве интересира

Обвинителството го оспори вештачењето за „Пулс“: Русески не ги исполнува стручните и методолошките стандарди

Шилегов бара преиспитување на обвинението за „Пулс“, родителите реагираат: Не може да се споредуваат различни случаи

Горан Наумовски

Братот на престседателката на Кривичен суд меѓу новообвинетите за „Пулс“

Заврши сослушувањето на вештакот Русески за „Пулс“, остана на ставот дека немало реконструкција на објектот

Средба на министерот Клековски со повредени од пожарот во „Пулс“

Семејствата на жртвите од „Пулс“ в среда на марш: Придружете ни се, дајте ни поддршка

Катерина Ѓуровски