Делчевци ќе даруваат средства преку хуманитарната акција „Со срце за Дневниот центар“ која има за цел набавка на современо патничко возило за транспорт на децата од Дневниот центар.
Акцијата официјално стартуваше денеска, а претходно потекна од Советот на општината, кој формираше координативно тело за спроведување на акцијата, во која членуваат претставници од сите политички партии, како и од НВО-секторот од Делчево. Во акцијата со комплетна логистика и инфраструктура се вклучи и НВО КХАМ.
Даниела Такева, претседател на Координативното тело, денеска на промоцијата истакна дека Делчево со оваа акција ќе покаже дека и фирмите и институциите, поединците, но пред се заштитните работилници се општествено одговорни.
– Потенцирам дека освен што ќе покажеме дека сме опшетствено одговорни, ние и ќе порачаме дека заедно можеме да ги срушиме бариерите со кои се соочуваат овие деца. Секој денар ќе биде насочен за да се набави толку потребното возило за транспорт на децата, бидејќи возилото коешто сега го користат е старо и небезбедно, а децата често патуваат, одат на екскурзии и имаат потреба за да се транспортираат до дома, рече Такева.
НВО КХАМ за потребите на оваа донаторска акција отвори донаторска сметка. Зоран Биковски од НВО КХАМ истакна дека оваа невладина организација ги поддржува сите граѓански иницијатии кои се насочени да помогнат на маргнализираните групи
– Ги повикуваме сите хумани луѓе да донираат. Знаеме дека живееме во едно сложено социоекономско опкружување, меѓутоа можеме сега да кажеме дека секој денар што ќе биде дониран, ќе отиде на право место. Токму затоа преку нашата фб-страница и нашата веб-страница ќе се следат сите донации, рече Биковски.
Први средства за Дневниот центар ветија делчевските советници кои најавија дека ќе се откажат од еден советнички пашуал.
Делчевскиот Дневен центар кој е меѓуопштински, постои 13 години и во него има 18 штитеници, деца со посебни потреби од двете општини Делчево и М. Каменица. Жиро-сметката со наслов „Со срце за Дневниот центар“ е 200002957608853 Стопанска банка.