Повеќе од 20 проценти од вкупно 777 пријавени гласачи во Кралството Белгија, до 10 часот го извршија своето гласачко право на изборното место 5003 во македонската амбасада, во рамки на вториот круг од претседателските и предвремените парламентарни избори во Седмата изборна единица (Европа) на Република Македонија. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, мирно и масовно е на гласачкото место во европската престолнина, што е генерална оценка и на шестчлената изборна комисија, предводена од претседателот Даим Илјази.
– На избирачкото место 5003 во Дипломатско-конзуларното претставништво (ДКП) во Брисел се одвиваат предвремени парламентарни избори и втор круг од редовните претседателски избори. Од вкупно запишаните 98 гласачи за претседателските избори, до 10 часот, излезноста е околу 20 гласачи. А, од 777 запишани гласачи во избирачкиот список за парламентарните избори, досега гласаа нешто над 100 гласачи.
Симјаноски потврди и дека изборите во Брисел, засега се одвиваат во најдобар ред, без никакви забелешки и инциденти.
– Изборите се одвиваат во фер и демократска атмосфера, без никакви проблеми. Со еден збор, изборниот процес се одвива во најдобар можен ред, додаде Симјаноски, член на избирачкиот одбор во македонското ДКП во Кралството Белгија.