Марија Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција рече дека додека СДСМ имале технички министер за труд и социјална политика не отвориле ниту една градинка, а немале отворени и ниту една градинка во нивното владеење пред 2006. година.
– Кадрите на СДС и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска повеќе време одвојуваат за анализа на сите детали околу згрижувањето на мигрантите, наместо да се запознаат со проблематиката за заштита и згрижување на деца од предучилишна возраст. СДС тера гол популизам без да провери дали и колку градинките се подготвени за воведување на втора смена. Оваа мерка може да створи хаос во работата на градинките. Според анкетата која ја спроведе министерството за труд и социјална политика, се покажа дека не постои интерес за воведување на втора смена. Од вкупно 54 општини во кои има 65 градинки само 4 покажале интерес за двосменско работење што е само 7% од вкупниот број на градинки, рече Јакимовска.
Таа додаде дека со планираното воведување на работа во двете смени, се ризикувало да се преполови капацитетот на градинките во периодот кога има најголема потреба од нив, односно во текот на работиот ден и со тоа да станеле нефункционални.
– Голема лага е дека од септември градинките ќе бидат подготвени да работат во две смени. Воведување на работа во две смени не може да се реализира без нови работни места и невозможно е таа да профункционира во градинките во Република Македонија. Од СДС не видовме конкретен план и стратегија како тие ќе ја реализираат оваа нивна мерка, за која се потребни илјадници нови вработувања на стручен кадар како воспитувачки, негуватели, готвачи, хигиеничари, чувари и итн. За реализација на оваа мерка исто така потребно е и зголемување на буџетот и блок дотациите за детските градинки, а тоа не е предвидено во ребалансот за буџетот за 2017, кој е донесен токму владата предводена од СДС, што е уште еден показател дека СДС е на пат да направи хаос и во градинките низ државата, рече Јакимовска.
Според неа, најголемиот број на градинки моментално работеле од 7 часот наутро до 18 часот навечер, а сегашното време на родителите им овозможувало навреме да стигнат на работа и да имаат време после работи да ги земат своите деца од градинка, додека програмите за целодневен престој траеле од 9 до 11 часа и истите можеле да се изведуваат претпладне, попладне, целодневно или наизменично.
– Анкетата која ја спроведуваат СДС и Царовска нема никаква врска со репрезентативност. Владата на СДС нема капацитет ниту концепт за спроведување на реформи. На 15-ти октомври СДС ќе ги стигне казната од граѓаните кои ќе покажат колку не им веруваат на неспособните министри, заврши Јакимовска.
