ВМРО-ДПМНЕ денеска ги повика новинарските здруженија, невладините организации, организациите на локалните медиуми во наредните денови да дадат свои предлози во врска со законите за коишто се разговара на работната група за реформи во медиумите.
Илија Димовски, претставник на партијата во работните групи изјави дека овој предлог бил изнесен денеска на новата средба во Клубот на пратениците на претставниците на партиите кои учествуваат во неа, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, и пред посредникот Питер Ванхауте.
– Би сакал официјално од име на ВМРО-ДПМНЕ денеска да побарам од сите здруженија на новинари, од ЗНМ, од МАН, од асоцијациите на медиуми, национални, регионални и локални…, сите претставници на цивилното општество коишто имаат интерес на оваа тема не само од медиумите заради тоа што медиумскиот простор не е сопственост само на политичарите ниту на новинарите, туку и на другите асоцијации коишто подразбираат силно општество, синдикатите, верските заедници, спортските асоцијации, културните друштва, сите што имаат свои согледувања од оваа тема, согледувања за поставеноста на законите, на проблемите коишто сме ги имале досега или онака како што треба да ги развиваме работите во следниот период, во следните два до три дена да достават до нас писмени предлози за тоа како треба да се настапува во насока на подобрување на оваа проблематика, изјави Димовски.
Смета дека политичките партии заедно со претставниците на меѓународната заедница не се доволно за градење на еден здрав и одржлив систем и концепт за развој на медиумскиот простор во Македонија.
– Ние мора да имаме европски закон, закони коишто функционираат во Европската унија, кои ќе гарантираат стандардизација, професионализација, либерализација во медиумската сфера. Нема да прифатиме никакви закони коишто ќе значат зголемување на казните за медиумите или партизација на државните органи надлежни за оваа проблематика, рече Димовски.
Димовски ги повика организациите тие предлози да ги достават исто така и до другите политички партии и претставникот на меѓународната заедница коишто учествуваат во овие разговори.
Ги информирал претставниците на политичките партии кои учествуваат во разговорите дека за ВМРО-ДПМНЕ ова е минимум кој што е неопходен за да има демократски отворен процес.
– Ние немаме намера во ова проблематика да одиме без законите да бидат прифатени од општеството, од медиумите, од новинарите, од цивилното општество и од граѓаните на Република Македонија, рече Димовски.
Според ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа Димовски, повеќе работи коишто ги кажа во последниот свој предлог белгискиот посредник Питер Ван Хауте ги нема во ниту еден европски закон.
– Ние како тим сме добро подготвени и ги имаме сите закони коишто ја регулираат оваа област и ги имаме сите искуства, знаеме како се финансираат јавните радиодифузни сервиси во секоја европска држава, како се бираат регулаторните тела или саморегулаторните тела кои кај нас не функционираат доволно добро. И она што беше предложено од г. Ванхауте не можеме да го најдеме во ниту еден закон од ЕУ. Затоа во момент кога сфативме дека ставовите се многу различни и оној којшто ние го предложивме и оној којшто го предложи СДСМ и она на Ванхауте, дадовме предлог и стоиме на тој предлог дека најдобро решение е да пронајдеме еден од тие 20 и неколку примери на држави и да го преземеме и да имаме навистина европски закон којшто функционира во ЕУ, рече Димовски.
Во оваа смисла, рече тој, не можеме да прифатиме Македонија да биде ниту хибрид, ниту експеримент. Очигледно според него е дека тоа е став и на новинарските здруженија, на граѓани, на медиуми… ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа, не може да прифати зголемување на казните за медиумите, затворање на медиуми, забрани за вршење на професијата новинар…
Претставникот на СДСМ во разговорите Роберт Поповски рече дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се добијат писмени ставови од невладиниот сектор и медиумските организации во врска со измените на законите и реформите во медиумите е прифатлив, но оти тоа е задоцнето.
– ВМРО-ДПМНЕ не го прифати предлогот на СДСМ медиумите, новинарите и еснафските организации да бидат присутни на преговорите и да информираат за тоа што се случува и со каква динамика се одвиваат преговорите. Ова што денеска го направи ВМРО-ДПМНЕ требаше да го направи пред три или четири недели бидејќи роковите за договор се пребиени неколку пати, на 20 ноември имаше, па на 27 ноември и еве денеска дури ВМРО-ДПМНЕ покренува иницијатива за консултација со здруженијата, невладините организации, еснафот итн., рече Поповски.
Преговарачите на опозицијата, според него, се во постојат контакт со невладините организации.
– Ова што сега се случува од една страна можеби значи дека ВМРО-ДПМНЕ дури сега се свестиле дека треба да ги слушнат и оние што работат во медиумската индустрија, а од друга страна ми се чини дека ова е уште една тактика на одолговлекување на решение за медиумите, што е можно подолго да остане оваа состојба на статус кво, а тоа значи целосна контрола на партијата на власт врз медиумите, рече Поповски.
Според Поповски, за СДСМ е апсолутно прифатлив предлогот на Ванхауте и тоа требаше да се случи многу порано. Поповски вели дека за нив е прифатливо се она што значи департизација, демократизација и можност медиумите нормално да работат.
– Очекувам дека и денеска ќе продолжиме да дискутираме за многу специфики од предлозите коишто се предмет на расправа, рече Поповски.
Според него, вчерашната реакција на ЗНМ, односно на претседателот на оваа организација Насер Селмани за изјавата на лидерот на опозициската партија Зоран Заев за медиумите, била негов личен став, а не став на членовите на новинарското здружение.
– Давање политички квалификации не се во делокругот на она што треба да го прави прв човек или луѓе коишто се на чело на овие организации. Притоа, колку што гледам, тоа е личен став, а не е став на организацијата, рече Поповски.
За ДУИ последниот предлог на Ванхауте е делумно прифатлив. Спорен е делот во однос на поддршката што треба кандидатите за членови на Советот да ја добијат од невладините организации, бидејќи не е прецизирано за кои и за какви невладини организации станува збор.
Разговорите меѓу претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА со посредство на Белгиецот Питер Ванхауте за медиумите денеска продолжија во Клубот на пратениците. Реформите во медиумската сфера се дел од договорот во Пржино од 2јуни/15 јули.