Власта се обидува да ја одблокира Комисијата за социјална политика за да ги истурка измените на Законот за пензиско осигурување

Од:

Во Собранието денеска ќе има уште еден обид за одблокирање на работата на Комисијата за социјална политика, демографија и млади и Законодавно-правната комисија, на чиј дневен ред има само една точка – Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка.

Завчера работата на оваа Комисија остана блокирана, иако претседателот на Собранието Африм Гаши за претседавач ја назначи пратеничката од владејачката коалиција „Вреди“ Имрлије Сали Фетаи откако во понеделникот пратеникот Бејџан Иљас одби да ја извршува оваа функција.

Во средата ниту на Фетаи не ѝ успеа да го стави на гласање дневниот ред на седницата откако пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ побара дополнување на дневниот ред со Законот за бранителите. По ова, Фетаи ја затвори седницата на неопределено време.

Фетаи ѝ одговори на Тренчевска дека претседателот Гаши ја назначил да претседава со Комисијата само за Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Пратеникот на „Европски фронт“, Елми Азири во изјава за медиумите истакна дека сите рокови се поминати за Законот за бранители уште кога со Комисијата за социјална политика претседаваше пратеничката Илире Даути од Алијансата за Албанците на Зијадин Села која е дел од „Европскиот фронт“.

Проблемот во Комисијата за социјална политика почна во ноември минатата година откако пратеничката од Алијансата за Албанците, Илире Даути одби да го стави на дневен ред Предлог-законот за бранители доколку не се стави законско решение и за припадниците на УЧК. Собранието на пленарна седница на 10 јануари со поддршка од 61 пратеник и 22 „против“ изгласа интерпелација на претседателката на собраниската Комисија за труд, социјална политика и млади Илире Даути. Интерпелацијата за Даути во ноември ја поднесе пратеничката група на „Левица“ поради тоа што Даути, како што беше посочено на пленарната седница, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители поднесен од опозициската СДСМ со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава. Една недела подоцна Даути поднесе оставка од претседателската позиција во Комисија.

Во Собранието денеска е закажана и седница на Законодавно-правната комисија, на чиј дневен ред е Предлог на закон за изменување на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување во прво читање.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за задолжување на државата со заем од 260 милиони евра

Собранието го усвои Законот за младински додаток, 3.000 денари за млади до 23 години

А1он

Собранието не го прифати предлогот за едно државјанство за министрите

Горан Наумовски

Собранието го донесе Законот за Советот на јавните обвинители

Собранието изгласа укинување на техничката влада

А1он

Собранието ја одобри постапката за укинување на техничката влада

Горан Наумовски