Владата на Република Македонија, Министерството за труд и Агенцијата за вработување идната недела ќе распишат оглас за давање значителна финансиска помош за организирање на невработени лица да започнат сопствен бизнис и за мали и микро претпријатија кои ќе отворат нови работни места.
Како што соопшти на денешната прес-конференција портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, во рамките на самиот оглас ќе има две поголеми категории кои ќе бидат основа за таа финансиска помош од страна на државата: првата категорија е самовработување со кредитирање, а втората категорија е кредитирање на микро и мали претпријатија за отворање нови работни места.
Во однос на првата категорија за самовработување и кредитирање, сите оние невработени лица кои се во евиденцијата на Агенцијата за вработување постои можност да се организираат меѓусебно, да направат бизнис план и да можат да започнат бизнис за којшто ќе добијат финансиска помош од државата.
– Генерално во оваа категорија постојат три поткатегории. На пример, ќе може да се организираат три лица за да започнат бизнис, а кои во моментот на распишување на огласот се невработените. Секој од тие три лица ќе може да добие по 3.000 евра помош од страна на Агенцијата за вработување односно евтин кредит по многу поволни услови со рок на враќање од три години со вклучен грејс период од една година и каматна стапка од само 1 процент, што е најмала каматна стапка не само во Македонија, туку и во регионот, изјави Ѓорѓиев. Помошта за овие лица би изнесувала 9.000 евра.
Втората варијанта, информираше портпаролот, е доколку се организираат во дејност, условно кажано, од поголем обем тогаш може да се организираат максимум пет лица, при што основниот кредитобарател ќе добие 5.000 евра, а останатите четворица ќе добијат по 3.000 евра. – Во вкупен износ отворањето, започнувањето на овој бизнис би бил помогнат од страна на државата со 17.000 евра, средства коишто овие содружници би требало да ги вратат во период од пет години со вклучен грејс период од една година и каматна стапка од само еден процент, изјави Ѓорѓиев.
Доколку се организираат и започнат бизнис невработени лица, а се корисници по однос на надомест за технолошки вишок или ликвидација тогаш добиваат дополнителна стимулација за уште 1.000 евра по лице.
– Постои специјално димензирана мерка преку која што може да се организираат и да започнат бизнис невработени млади лица до 29 години за што ќе добијат поголема финансиска помош од страна на државата која што може да изнесува дури и до 23 илјади евра. Основниот кредитобарател од младите лица до 29 години може да добие 7.000 евра, а останатите четворица коишто би се здружиле во рамките на основањето на бизнисот може да добијат уште по 4.000 евра по лице, рече Ѓорѓиев.
Оцени дека ова е особено добра можност младите луѓе кои имаат под 29 години, а се невработени и се во евиденцијата на Агенцијата за вработување да можат да се здружат да ги искористат своите знаења и вештини и да добијат 23.000 евра од државата и да можат да започнат бизнис. – Средствата од 23.000 евра од ваков случај тие ќе имаат можност да ги вратат во следните седум години со грејс период од 1,5 година и каматна стапка од еден процент. Тоа се многу добри услови кои може да бидат искористени за да се добие почетен капитал и да се направи бизнис, рече портпаролот на Владата.
Во однос на кредитирањето на микро и мали претпријатија за отворање нови работни места ќе може да аплицира секој правен субјект кој постои најмалку една година и во последните три месеци има најмалку еден вработен, а во последните шест месеци го нема намалено бројот на вработени во рамките на своето претпријатие. – Доколку вработат лица кои имаат над 29 години овие микро и мали претпријатија ќе добијат по 3.000 евра по вработено лице. Најмногу може да вработат нови три лица и да добијат 9.000 евра. Доколку вработат лица под 29 години тогаш тие може да добијат по 4.000 евра, односно 12.000 евра за отворање три работни места. Рокот за враќање на овие средства од оваа мерка е две години со вклучен грејс период од една година и каматна стапка од еден процент, информираше Ѓорѓиев.
Луѓето кои имаат вештини и идеи како да започнат бизнис може да направат добра анализа и да ги искористат овие можности, додаде тој, посочувајќи дека во Агенцијата за вработување може да добијат помош за користењето на овие мерки и на тој начин да можат да започнат бизнис за да си го трасираат својот професионален кариерен развој. Од друга страна ова е добра можност и за веќе постоечките претпријатија преку отворање нови работни места да остваруваат подобри резултати.