Министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, ја предводеше делегацијата на Владата, во која беа и министерот задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан и заменик министерот за култура, Владимир Лазовски, на одбележувањето на годишнината од загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски во Мостар.
Во своето обраќање на спомен обележјето во Ротимље, министерот Адеми се осврнал на ликот и делот на претседателот Трајковски и неговото значење за поновата македонска политичка историја, со посебен фокус на неговата посветеност на евро-атлантската перспектива на државата и демократските вредности.
– Претседателе Трајковски, успеавме! Денес, вашата, мојата, нашата татковина е во НАТО. И тоа е заеднички успех на сите кои силно веруваа во проатлантската амбиција. Во вистинскиот момент, вие бевте еден од најгласните поддржувачи на оваа амбиција, истакна министерот Адеми.
Како што соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста, тој додал дека за остварувањето на оваа и другите стратешки цели на земјата биле донесени тешки одлуки за иднината и кога тоа беше најпотребно, свесни дека таквите одлуки се во интерес на иднината, за државата, за нејзините граѓани.
– Денеска во Мостар, во име на Владата на овој настан се присутни тројца претставници на македонската, на албанската и на турската заедница, кои не само во името на Владата и не само во името на Македонците, Албанците и Турците, туку и во име на сите наши сограѓани, Бошњаци, Власи, Срби, Роми и сите други, му оддаваме почит на претседателот Борис Трајковски, и се поклонуваме на неговите вредности, визија, храброст и лидерство, потенцира Адеми.
Во името на Владата, министерот Адеми и делегацијата положија венец на спомен обележјето, а должна почит изразиија и делегации од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, на Армијата на Северна Македонија и на нашите здруженија во Босна и Херцеговина.
На одбележувањето присутни беа и заменик министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Јосип Бркиќ, федералниот министер за трговија Златан Вујановиќ, и претставници од кабинетот на Претседателството на државата, Советот на министри и градот Мостар.