Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, денеска го почна третиот мандат како прв човек на Локалната самоуправа.
На денешната свеченост во општина Битола, претседателот на општинската изборна комисија Зоран Насев му го врачи уверението на Талески со кое се потврдува дека на последните локални избори ја доби довербата на битолчани за трет четири годишен мандат.
– Првиот работен ден минува низ директна средба со нови инвеститори заинтересирани за влез во индустриската зона „Жабени“, а од еден вљубеник и пријател на Битола добивме предлог проект за реконструкција на планинарскиот дом „Копанки“.
– Информиран сум дека веќе е завршена конструкцијата на главните носачи на новиот мост на реката Драгор кај меноста „Црн Мост“ и подготвени сме да организираме свечено поставување на темелите на новиот современ мост во Битола кој ќе биде повеќефункционален, со кружен тек и придружни содржини, посочи Талески.
Согласно избраната програма од страна на граѓаните на Битола, во наредниот период во општината ќе се создаваат услови за нови работни места, инвестиции во индустриската зона „Жабени“, топлификација и гасификација, изградба и реконструкција на 100 улици и други, вкупно 137 проекти, истакна Талески на денешната свеченост во општина Битола.