Владејачкото мнозинство и опозицијата со различен став за бројот на потпретседатели во Собранието

Од:

Владејачкото мнозинство и опозицијата имаат спротивставени ставови за бројот на потпретседатели на Собранието. Предлогот на СДСМ и ДУИ е Собранието да има петмина потпретседатели, додека ВМРО-ДПМНЕ е на став дека Собранието не треба да има повеќе од тројца потпретседатели.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев денеска изјави дека неговата пратеничка група стои на ставот за петмина потпретседатели заедно со оној што законски и следува на најголемата опозициска партија.

– Ние таков предлог доставивме и чекаме претседателот повторно да го стави на дневен ред, рече Тунтев повикувајќи се на Деловникот и законски одредби. Освен тоа тој исто така истакна дека пратениците не треба да заминат на одмор се додека не завршат започнатите седници како онаа за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлески и донесувањето на Буџетот.

Вкупниот број потпретседатели на Собранието, според ВМРО-ДПМНЕ, треба да биде три.

Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ вчера изјави дека потпретседателските места во Собранието не се фотелји за задоволување на коалициски интереси и дека е потребна финансиска рационалност.

– Досега Собранието имаше тројца потпретседатели и тоа беше одреден трошок за Собранието. Ако се донесе одлука Собранието да има петмина потпретседатели ќе биде двојно поголем трошок и за Буџетот и за Собранието, посочи Милошоски.

Според Деловникот за работа на Собранието, бројот на потпретседателите го утврдува Собранието по предлог од претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието. Еден од потпретседателите се избира од редот на пратениците кои припаѓаат на политичката партија застапена во Собранието која е најголема опозициска партија.

За потпретседател на Собранието е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Претседателот на Собранието Талат Џафери еднаш веќе го повлече изборот за негови петмина заменици, по што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се откажаа од дискусија и заврши сесијата на Парламентот што се одржуваше за време на викендот.

Би можело да ве интересира

Албуљена Хаџиу е избрана за претседател на Собранието на Косово

Горан Наумовски

Собранието ја донесе Стратегијата за безбедност на сообраќајот и над 40 закони по скратена постапка

A1on

Собранието ја изгласа потребата од Закон за проверка на странските инвестиции

Арљинда Хасани Синани e нова вицегувернерка на Народната банка

Горан Наумовски

Собраниска „виза“ за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Гаши: Блокадата на ДУИ е политичко, а не процедурално прашање