На иницијатива на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во консултација со министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, а согласно состојбите во М-НАВ, на следната седница на Владата, закажана за вторник, 9.1.2024 година, за решение на постоечката ситуација ќе бидат предложени и донесени неколку одлуки, соопшти владината прес-служба.
„Целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени. Да се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес“, се вели во соопштението.
Воедно, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Ковачевски ќе го повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авио- сообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ.
„Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Ковачевски и Владата во своето работење се водат од врвниот интерес за безбедноста на македонското небо и функционирањето на патничкиот и воениот авио- сообраќај“, известија од Владата.