Во врска со известувањето од страна на редакцијата на весникот Вест во кое се вели дека поради притисоци врз редакцијата на весникот била повлечена анкетата со наслов Која водителка без гаќи пред Груевски? сакаме да се произнесеме за следното.
Сакаме да информираме дека Владата на Република Македонија, Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија, било која владина институција, или пак поединец од владините институции, или пак било кое тело или поединец од најголемата партија од владината коалиција, на ниту еден начин нема учество во, како што наведува редакцијата на Вест, вршење притисок за да се повлече цитираната тема, која е нивен слободен избор, во кој избор ниту сакаме ниту имаме намера да се мешаме или пак да коментираме.
Ова е особено значајно да се потенцира, затоа што од известувањето на редакцијата на весникот Вест за притисокот поради кој била повлечена темата, а во кое известување не се наведува од кое лице или од која страна бил вршен тој притисок, читателите и јавноста може да добијат тотално погрешен впечаток дека наводно тој притисок го вршела некоја владина институција или поединец од владините институции или пак партиите кои ја сочинуваат коалицијата, што е апсолутно неточно и невистинито.
Ние нема да ја коментираме темата, ниту да навлегуваме во нејзината суштина и поента, ниту пак да се произнесуваме дали се согласуваме или не се согласуваме со исправноста и целисходноста на вакви теми, затоа што изборот на темата е автономно право на редакцијата на весникот и дел од нивната уредувачка политика, само сакаме јасно да посочиме дека на ниту еден начин немаме никаква врска со, како што истакнува редакцијата на Вест, притисокот кој се случувал за да се повлече таа тема.
Доколку пак редакцијата на весникот Вест има некаква информација дека некој поединец од владините институции вршел притисок да се повлече оваа тема, инсистираме јавно да го објави за да ако евентуално постои таков поединец од владините институции, а ние да не знаеме, тој да понесе соодветна одговорност.