Владата го утврди дополнителниот Предлог на Буџетот за 2023 година

Од:

Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница го утврди дополнетиот Предлог на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година.

Дополнетиот Предлог на Буџетот претставува нов интегрален текст во којшто Владата ги вгради прифатените амандмани, по комисиските расправи во Собранието на Република Северна Македонија кадешто беше разгледуван и со потребните измени и дополнувања предложени од Министерството за финансии.

Владата, на предлог на Министерството за транспорт и врски ја разгледа и усвои Информацијата за донесување Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за Интерконективен гасовод Република Северна Македонија – Грција и го донесе Урбанистичкиот план.

Проектот Интерконективен гасовод Р.С. Македонија – Р. Грција претставува секција (дел) од целокупната мрежа којашто треба да се изгради на територија на Република Северна Македонија. Овој гасовод ќе биде гасовод што го поврзува системот за пренос на гас на Северна Македонија со грчкиот Национален систем за пренос на природен гас (NNGTS) во Неа Месимвриа. Гасоводот, според посочувањето од Министерството за транспорт и врски, ќе биде составен дел од Националниот гасификационен систем во Северна Македонија и ќе овозможи двонасочна трансмисија на природен гас на овој југоисточен дел од државата. Делницата за интерконекција меѓу Северна Македонија и Грција на територијата на нашата држава е со должина од 66.7 километри. Делницата почнува од границата со Грциjа и завршува кај Неготино, а крајната точка на оваа делница е спој со веќе изградената блок станица БС-08.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за склучување Дoговор за однапред резервиран капацитет (Advance reservation capacity agreement – ARCA), за резервирање капацитет на грчката страна од интерконекциската точка Евзони – Гевгелија и го одобри склучувањето на Договорот, донесувајки ја Одлуката со предложениот текст.

Реализацијата на проектот за изградба на Интерконективен гасовод со Република Грција претставува магистрален гасовод за пренос на природен гас за поврзување на Република Северна Македонија со Република Грција, што ќе овозможи обезбедување дополнителни количини природен гас на државата од различни извори на снабдување со природен гас. Овој интерконективен гасовод ќе овозможи диверзификација, сигурност во снабдувањето и можност за намалување на увозната цена на природниот гас, бидејки ќе се обезбеди достапност на природен гас од повеќе различни извори на природен гас.

Владата, на предлог на Министерството за култура денеска разгледа и усвои информации за потребата од основање на три национални установи од областа на културата, за коишто Министерството за култура е задолжено до Владата да достави одлуки за основање.

Станува збор за нова национална установа „Меморијален музеј на Смилевскиот конгрес“ – Смилево.

Овој Меморијален музеј денес функционира како депанданс на Завод и музеј – Битола, иако е оддалечен повеќе од триесет километри од матичната институција, а е од важност поради тоа што во него, преку текстуални документи и фотографии е претставено значењето на Смилевскиот конгрес од 1903-та година.

Се основа и нова национална установа „Музички театар“ во Република Северна Македонија – Тетово.

Основна дејност на оваа установа ќе биде изведба, промоција и афирмација на албанската класична, џез, вокална и вокално-инструментална музика, а програмските определби ќе имаат рамноправен пристап кон сите граѓани.

Се основа и нова национална установа „Камерен оркестар на Битола“ – Битола, што се очекува значително да ја зголеми културната понуда на целиот Пелагониски плански регион, опфаќајќи ги градовите Битола, Прилеп, Демир Хисар, Крушево и Ресен.

На денешната седница, за нов директор на Агенцијата за национална безбедност, како што е веќе известено, е назначен Зарко Милошевски.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада