„Во координација со Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба за правата на лицата со попреченост и други лица да бидат ослободени од партиципација за студирање. Со оваа Уредба Владата овозможи сите лица со попреченост запишани на прв, втор и трет циклус на студии на јавните високообразовни установи, да бидат ослободени од партиципација“, соопшти Владата.
„Оваа Уредба им овозможува на лицата со попреченост да ги остварат сопствените потенцијали и личен развој на еднаква основа со сите други граѓани да бидат вклучени во високообразовните процеси, а за образовните институции е поттик да ги прилагодат условите и програмите за образование за овие наши сограѓани.
На тој начин лицата со попреченост развиваат компетенции согласно сопствените преференци и стануваат конкурентни на пазарот на трудот.
Со оваа Уредба освен сите лица со попреченост, од партиципација за студирање се ослободуваат и лицата со статус на деца без родители и родителска грижа, невработените родители на деца и лицата со статус воени инвалиди“, се вели во соопштението на Владата.
„За остварување на ова право, подносителот доставува барање со наод и мислење од Службата за функционална проценка на деца и млади при ЈЗУ Здравствен Дом-Скопје по основите на Меѓународната класификација на функционалноста (МКФ), како нов модел произлезен од реформата што ја спроведе Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, со која се исклучува досегашниот медицински модел на категоризирање наспроти проценка на функционалните можности и капацитети на лицата со попреченост.
Согласно чл. 24 од Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост сите лица со попреченост имаат право на образование без исклучување и дискриминација со цел за максимален развој на човековиот потенцијал.
До донесувањето на оваа Уредба, право на ослободување на партиципација имаа само некои категории на лица со попреченост, што практично ги ставаше останатите во подредена позиција“, се додава во соопштението на Владата.