Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ од денеска со зимскиот ред на летање ќе почне со реализација на летови од Скопје до шест европски дестинации, со субвенции од македонската Влада
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ од денеска со зимскиот ред на летање ќе почне со реализација на летови од Скопје до шест европски дестинации, со субвенции од македонската Влада.
Првиот лет авиокомпанијата ќе го реализира денеска на релацијата Скопје-Ајндховен. На таа линија „Виз Ер“ треба да лета двапати неделно. Два лета во текот на неделата ќе реализира и од Скопје до Милано, Малме, Минхен и Дортмунд, а три пати неделно до Базел.
Според најавите од „Виз Ер“, најевтините авиобилети во еден правец со вклучени аеродромски такси ќе чинат од 8,99 евра до 17,99 евра. За субвенционирање на „Виз Ер“, македонската Влада, согласно потпишаниот тригодишен Договор, одвојува 306 милиони денари. Инвестицијата за старт со оперирање на новите дестинации, според првичните најави на раководството на „Виз Ер“, ќе ги чини 80 милиони долари што ќе биде проследено со отворање 300 нови работни места.
Авиокомпанијата следната година планира да понуди и директни летови од Скопје до Брисел, Рим и до Барселона, но, според раководството, тоа ќе зависело од потребите на македонските патници.
Очекуваните ефекти од субвенционирањето, според критериумите, се во првата година да има најмалку 120.000 нови патници, односно по 10.000 месечно, најмалку 135.000 во втората година и 150.000 во третата година.