На вчерашната седница на Собранието, на која се дискутираше усвојувањето на новите измени на Кривичниот законик, претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка, Моника Зајкова, од собраниската говорница порача дека е срамно после 18 месеци замајување на јавноста и на граѓаните дека ќе добиеме целосно нов кривичен законик, денеска да имаме предлог кој што е само уште една козметичка измена.
„Осумнаесет месеци се ветува целосно нов КЗ, се зборува за реформи, за европски стандарди, за правда, а денес пред нас имаме предлог што воопшто не ја менува суштината и воопшто не е нешто поразличен од она што веќе постои. И ова не е реформа и не може да го нарекуваме реформа, ова е чиста козметичка интервенција врз закон кој што безброј пати досега беше сакатен. Не ми е јасно само на кого му одговараше статус квото сите овие месеци? Дали на оние што имаа што да изгубат ако правдата навистина проработи? Можеби им одговараше на некои поранешни или актуелни функционери, на носители на високи функции кои што со години го злоупотребуваат буџетот и јавните ресурси, но сигурно не беше од јавен интерес“, изјави Зајкова.
Според претседателката, ова статус кво им одговара само на оние кои знаат дека со вистински Кривичен законик би се соочиле со реална кривична одговорност. Секој изминат месец со скратени рокови на застареност, значи само уште еден спасен предмет. Зајкова потсети и на предлогот на ЛДП за зголемување на роковите за застареност на кривичните дела, кој што во минатиот собраниски состав беше чуван во фиока под клуч, во овој беше одбиен молчешкум, без аргументи, а во јавноста се прикажуваше дека истото е направено затоа што се чека нов кривичен законик, кој што е даден на мислење во Венецијанската комисија.
„Мене стварно не ми е јасно луѓе, од што се плашите? Ако чесно и одговорно ги вршите функциите во име на граѓаните, како што говорите, зошто се плашите сите од поголеми рокови за застареност? Со измените кои што сте ги предложиле, можеби личи нешто драстично покачена казната, меѓутоа поставувате повторно многу ниски максимални казни за клучните кривични дела, што повторно дава можност за застареност. Во институтот на застареност воопшто и не се интервенира. Повторно се бришат од одговорност службените лица во органите на државната управа, односно министрите нема да одговараат за местење и посредување на тендери. Јавните набавки иако ги има, ќе продолжат да се договараат легално преку распишан тендер со фаворизирање, бидејќи истото не е инкриминирано, а одговорноста ќе се губи низ правните лавиринти што остануваат отворени, оставајќи законски празнини. И ова не е борба против корупцијата. Ова е само менаџирање како повторно да не бидат допрени најмоќните“, посочува претседателката Зајкова.
За спроведување на вистински реформи, Зајкова понуди да го достави и предлог решението на ЛДП, за да се интегрира во новиот кривичен законик или владејачкото мнозинство да го поднесе како нивен предлог, доколку е болно или срамно да се прифати предлог од ЛДП.
„Граѓаните гледаат, паметат и знаат кому точно му служи ова одолговлекување на измените на КЗ. Тоа сигурно не е на правдата, туку веројатно на оние коишто најмногу се плашат од правдата. За волја на вистината, дел од нив и побегнаа, а тука и вас ве гледам како виновни што тоа го дозволивте, иако кога бевте опозиција со години ни ја триевте на глава кои се најголемите криминалци, истите тие што сега се во бегство“, вели Зајкова, додавајќи дека не поддржала, ниту во иднина ќе поддржи закон кој не носи системски измени, но и дека е подготвена да даде целосна поддршка доколку се донесе навистина квалитетен и системски кривичен законик.
“Знам дека тука седат чесни луѓе кои не се плашат од одговорност и дека можеме да донесеме квалитетен системски закон, наместо благи измени“, им порача Зајкова на присутните пратеници.
