Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска ја отвори 11-тата Републичка пензионерска ревија на песни, музика и игри во организација на Сојузот на здруженија на пензионери на Северна Македонија. Во своето обраќање тој ги поздрави пензионерите истакнувајќи ја нивната важна улога како градители на нашето општество.
„Ми претставува посебна чест и задоволство да ја прогласам за отворена 11-тата Републичка пензионерска ревија на песни, музика и игри 2021 во организација на Сојузот на здруженија на пензионери на Северна Македонија.
Еве нé повторно заедно, откако лани, кога од познатите причини заради мерките за заштита од КОВИД-19 не можевме заеднички да ја поминеме 10-тата ревија“, истакна премиерот.
„Ситуацијата со пандемијата оваа година дозволи во поопуштена атмосфера да ја организирате и одржите оваа ваша централна традиционална манифестација и дружба, откако претходно беа реализирани 8-те регионални ревии.
Знам дека оваа пензионерска ревија на песни, музика и игри, во организација на вашиот Сојузот на здруженија на пензионери, ви значи многу, и токму затоа јас и оваа година прифатив да бидам под покровител и во мое име, и во име на Владата на Република Северна Македонија да ви честитам на успешните подготовки и да ви посакам успех во одржувањето на ревијата.
Нека ви протече во ведра и весела атмосфера затоа што вие сите го заслужувате тоа“, кажа Заев.
Покрај премиерот, на настанот се обрати и претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Северна Македонија Станка Трајкова.
На денешниот настан, му претходеше серија на 8 регионални ревии низ различни локации во нашата земја.