Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, го поднесе предлогот за Влада со Собранието, а пратениците ќе треба да ја изгласаат на пленарна седница која треба да ја закаже претседателот Талат Џафери. Тој напомена дека кадрите се согласно мнозинската волја на граѓаните, а пак, 19 министри кои се предложни, според Заев, се спремни да сработат се што ветиле во следните четири години.
„На изборите на 15 јули, на фер и демократски избори народот го кажа својот став кој денес го преточуваме во конкретни кадри и програма согласно мнозинската волја. Македонските граѓани ќе добијат стабилна, ефикасна и одговорна влада, која ќе гарантира континуитет во спроведувањето на заедничките стратешки приоритети, членството во НАТО и ЕУ, добрите меѓусоседски односи, внатрешната кохезија, справување со коронавирусот и нова енергија, решителност во созревањето на одржлив развој, ефикасна правна држава, модерно образование и силни институции. Денеска како мандатор до Собранието доставуваме предлог за Влада која е подготвена да сработи во полн четири годишен мандат. Со мене денес се 19 министри и министерки, сите заедно се обврзуваме дека ќе влечеме напред секој ден, секој час, дека ќе работиме уште подобро и уште повеќе. Сите заедно да ги удвоивме нашите напори и да го направиме секое населено место за подобра средина за живеење“, рече Заев.
Тој посочи дека очекува кадрите кои ги предлага да го добијат мнозинството гласови, по што, следната недела, државата да го добие новиот состав на Владата.
„Денеска до Собранието предлагам одговорни, професионални и отчетни кадри кои ќе ги задолжам со конкретна мисија и цели, во ваше име. Кои ќе имаат задача да работат исклучиво за граѓаните и европската трансформација за нашата земја. Очекувам претседателот Талат Џафери да даде доволно време, пратениците да се запознаат со програмата, но исто така и со биографиите на предложените кандидати. Очекуваме квалитетна дебата во Собранието и дека овие предлози ќе го добијат потребното мнозинство, по што веќе, следната недела, Северна Македонија ќе ја добие новата Влада посветена на реализација на програмските определби“, додаде Заев.
Стабилна Влада се формира и со 62 пратеници, а тоа се покажа и со меѓународната, но и домашната пракса, смета Заев, кој уверува дека државата ќе има четиригодишен неповторлив период за успешни политики.
„Меѓународната пракса, но бога ми и домашната пракса, случајот со 2017 година, покажа дека со 62 пратеници се формира стабилна Влада и не само стабилна, туку подготвена за многу сериозни и храбри одлуки во интерес на граѓаните и иднината на сите нас заедно. Во многу други земји, парламентарното мнозинство не е огромно, туку е парламентарно мнозинство кое отсликува дека мнозинството граѓани, мнозинството пратеници се тие кои ја преземаат најголемата одговорност. Секако во разговорите направивме и план за рационализација и максимилизација на Парламентот и пратениците. Тоа значи дека најмалку еднаш во две недели ќе има ден за гласање, каде самите пратеници ќе можат да посветат на својата стручна и професионална подготвеност, во парламентарните клупи преку помошните тела, комисиите и пленумот, од сферата на сите проблематики каде тие се стручни, а сите на 14 ден од прилика, да дојдат и да се изврши процесот на гласање на самите комисии и пленум. Дополнително пратениците ќе имаат повеќе време за надвор од оваа зграда, Парламентот, а тоа е повеќе време за своите граѓани, тие кои ги застапуваат. Верувам, бидејќи имаме извонреден состав на кандидати за Влада, следува четиригодишен, неповторлив по позитива период за граѓаните и нашата земја“, рече Заев.
Според него, успешноста на Владата ќе зависи од политиките кои ќе ги спроведе, соработката со опозицијата и одговорноста пред граѓаните.