Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска повторно се појави во Основното јавно обвинителство од каде ја искоментира вчерашната изјава на Милошоски каде беше наведено дека единствен излез од кризата е СДСМ да прифатат малцинска влада со ДПМНЕ или пак да се оди на нови избори. На ова, Заев одговори дека во ВМРО-ДПМНЕ знаат дека доколку одат на избори ќе изгубат затоа што како што, кажа тој, никој не може да го толерира ваквото безобразно и дрско однесување на ДПМНЕ.
– Доколку одиме на избори, и имаме повеќе мандати од нив, Ѓорге Иванов повторно може да не го даде мандатот. Теоретски да претпоставиме, Никола Груевски да добие 62 пратеници со која албанска партија ќе коалицира, запраша Заев. Ова кажува дека човекот си игра со чувствата на граѓаните на Република Македонија, ова не може вака, треба да знаат дека меѓународната заедница очекува од нас конкретни чекори, рече Заев.
Лидерот на опозицијата се надева дека на денешната координација во Собранието ќе се изнајде решение согласно Деловникот да се избере претседател на Собранието кој ќе прати допис до Иванов да му обезбеди неопходен рок од десет дена. Нема никакви тирански платформи, има програма на влада на Република Македонија која во својата преамбула има зацврстување на унитарноста на Македонија, строго почитување на Уставот и нашите врвни приоритети, ЕУ и НАТО.
– Единство значи унитарност, само заедно сплотени можеме да ја јакнеме унитарноста на нашето општество и на нашата држава, а секако тоа да ни биде една позитивна можност да одиме напред, вели Заев.
Тој најави дека ќе соработува со опозицијата поради тоа што една од работите кои се неопходни државата да напредува е дискусијата за изнаоѓање решенија бидејќи, како што кажа, народот очекува правна држава и правни институции.
-Со ваквата албанофобија која се шири од нивна страна и со употребата на толку погрдни зборови, Македонија нема иднина, рече Заев.
Според него ЕУ има свое влијание и добро е што ја посетуваат Република Македонија. Даваат внимание и посветеност на процесите кои што се случуваат овде.
-Вчера уште еднаш беше испратена пораката од европските пратеници да се придвижат демократските процеси согласно Уставот и Деловникот во Собранието, тоа значи да се избере претседател на Собранието и да се даде мандат за состав на Влада, заврши лидерот на Социјалдемократскиот сојуз.
Лидерот на опозицијата денеска се појави во Основното јавно обвинителство за да се изврши увид на доказите за предметот злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања каде изјави дека СДСМ е политичка партија која важи за пример на сите други партии во поглед на организирање на политичка кампања.
Во овој случај осомничени се претседателот на СДСМ, Зоран Заев, едно лице вработено во партијата и СДСМ како политички субјект.
Виктор Јованов