Сирени, свирежи и силно тропање, луѓе што извикуваат „Мафија во робија!“, “Долу со гробарите на Уставот!“ „Оставка!“, „Апаши!“, „Вратете ги парите!“, можеше да се слушнат, попладнево пред Уставниот суд, каде втор ден, револтираните граѓани протестираа против прифаќањето на иницијативата за измена на Законот со кој се овозможува претседателот на државата да помилува лица осудени за изборен криминал.
„Оставка за гробарите на Уставот и за нивните наредбодавци!“, се извикуваа имињата на петте судии Јосиф Јосифовски, Никола Ивановски Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Елена Гошева кои гласаа за помилување на изборни криминали.
фото: Елизабета Аврамовска
Како и вчера и вечерва на протестот, револтираните граѓани фрлаа јајца кон барокната фасада на Уставниот суд.
„Овде пред Уставниот суд треба да се изгради споменик на срамот, а на него да се впишат имињата на тие што го погазија Уставот“, беше речено на протестот
– И порачуваме на оваа влада, на ова судство, веднаш да дадат оставка да ги тргнат нивните валкани раце од народот, ќе одиме до крај!, вели граѓанин
– И претседателот на државава и тој е партиски определен и нема друго освен народот да излезе на улица и да си бараме правда. Не може министер бил, правел криминали и сега амнестија, партиски ВМРО ќе ме помилува. Законот треба да важи еднакво за сите, дали бил од ВМРО, ако се огрешил, ќе си одговара, вели граѓанин.
– Судиите се партиски комесари, ние доживеавме да имаме диктатура од посебен вид, која видовме дека е навлезено дури до Уставниот суд, кој што би требало да ја брани уставноста. А тој не ја брани, туку ја крши, а тоа е опасносност за секоја држава. Овие уставни судии кои се избламираа и пред светот, не само пред граѓаните, треба веднаш да си одат, вели граѓанин.
Од граѓанската платформа АЈДЕ! која повика на протести, велат дека Уставниот суд застана во одбрана на криминалците од власта кои местеле избори, па во рекордно брзо време ја разгледа и ја прифати иницијативата за уставноста на измените на Законот за помилување.
„Со ова, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека за нив правниот систем е само алатка која им служи за заштита од правдата, а не за нејзино спроведување.Ние граѓаните нема да дозволиме крадците на нашите животи, преку партиски узурпираниот Уставен суд да си ги спасат своите злосторничко-криминални „кожи“ од издржување на заслужените затворски казни. Нема да дозволиме повторно да си поигруваат со државните институции како да се нивен личен имот или партиски огранок. Во Македонија мора да се врати правдата, почитувањето на законите и пред сѐ, почитувањето на Уставот“, велат од АЈДЕ!
А.Б.