Седум лица се приведени во рамки на акцијата „Молња“ реализирана рано утрово од страна на Mинистерството за внатрешни работи во координација и со наредба на надлежниот јавен обвинител.
Целта на „Молња“, информираа од МВР, имала цел да ја открие целокупната мрежа на соработници и помагачи на криминално-терористичката група од кумановската Дива населба, која на 9. и 10 мај годинава се судри со полицијата.
Приведените лица се на возраст од 20 до 74 години, од кои три се од кумановското село Отља, две од скопско Брест и по едно од Арачиново и Матејче е побаран притвор како осомничени за извршување на кривични дела „терористичка организација“ и „тероризам“ со „помагање“.
Во текот на досегашната истрага соодветно е документирана нивната улога и поврзаност со случувањата во Дива населба, како и инволвираноста во претходниот напад на Полициската станица во Гошинце.
– Осомничените главно имале улога на логистичари, односно при двата кривично-правни настани и помагале на групата во извршувањето и прикривањето. Освен помагањето на криминално-терористичката група од Дива населба, еден од осомничените имал обиди во текот на полициската акција да мобилизира помлади лица и со таа група да изврши напади во Скопје, да ја дефокусира полицијата и да ја намали нејзината сила во напорите за совладување на вооружената група во Куманово, соопшти денеска МВР.
Од страна на МВР врз основа на судски наредби за претрес на дом и други просториии извршени се претреси на пет локации и тоа две во село Отља, две во село Брест и една во село Матејче.
– При претресите пронајдени се карти на голема Албанија, униформи на УЧК, 13 телефонски апарати, автоматска пушка, седум рамки за автоматска пушка, 127 куршуми 7,62 мм, две ловни пушки, гасен пиштол, машина за полнење патрони, сачми, околу 60 патрони, два испукани патрони, два детектори за метал, мапи и ВХС касети, лисици за врзување, 1400 евра, 45 куршуми 7,9 мм, фотографии со припадници на УЧК, оптички нишан и други предмети и траги кои ќе бидат предадени на надлежниот Јавен обвинител, се наведува во соопштението од МВР.
При реализирањето на акцијата, не се регистрирани инциденти, а во моментов лицата се изведуваат пред Судија на претходна постапка при Основен суд Скопје 1.
Поголемиот дел од осомничените веќе се познати на полицијата и против нив во повеќе наврати се поднесувани разни кривични пријави за кои им се изрекувани и затворски казни од надлежните судови.
Во мајската акција против криминално-терористичката група во Дива населба животот го загубија осум полицајци, а триесетина беа повредени. Во акцијата беа убиени и десет членови на вооружената група, а 30 се предадоа и против нив се води судска постапка.