Православните верници го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото Воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Илјадници верници синоќа ги посетија храмовите низ целата земја. Со зборовите „Христос Воскресна-Навистина Воскресна“, православните верници си го честитаа големиот христијански празник Велигден, точно на полноќ.
Празнувањето продолжува и денеска каде верниците ќе ги посетат храмовите и ќе запалат свеќа за здравје, среќа и љубов. Црковна делегација на МПЦ-ОА на скопскиот аеродром вчера го презеде Благодатниот оган што со авион во земјава пристигна од Ерусалим преку Софија.
Благодатниот оган од Софија го донесе владиката Иларион од Брегалничката епархија. Оганот во фенер од скопскиот аеродром беше пренесен во Соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје, а потоа и во другите епархии и храмови низ државата. Ова е првпат МПЦ-ОА за Велигден официјално да го добие Благодатниот оган со помош на Бугарската православна црква.
Утрово во Соборниот храм „Свети Климетн Охридски“ се одржа велигденска литургија.