ВИДЕО: Утврдени кандидатските листи на ЛП во 5 изборни единици

Од:

На синоќешната седница на Централниот комитет, едногласно беа утврдени листите на ЛП за претстојните предвремени избори.

Претседателот Ивон Величковски е носител во првата, потпретседателот Кире Бузлиев во втората, Даница Јованова од Кавадарци во четвртата, а економистите Данчо Марковски од Велес и Кице Мицковски од Ресен се носители во третата и петтата единица, соодветно.

Извршниот комитет е овластен да ги утврди евентуалните листи на кандидати за изборните единици 6 и 7.

„Денес го имам задоволството да ви се обратам како носител на првата самостојна кандидатска листа на Либералната партија по 1994 година, по цели 22 години од последниот пат кога самостојно сме настапиле на парламентарни избори. Ви благодарам што сум дел од вас и што заедно ќе го носиме товарот, предизвиците и успехот на изборите! Нека ни е честито!

Доста беше нечујност и невидливост. Доста беше балансирање со туѓите на сметка на политиките, понудата и ставовите на Либералите. Сега секој што ќе ја поддржи Либералната платформа – поддржува јасна платформа на граѓански блок во кој поддршката ја дава лично и несебично – на основа на анти-популизам, реализам и одржливост. На основа на она што го гледа и чувствува, без поткуп, закана или притисок. Затоа што така сака. И затоа што ќе ја брани слободата на свој избор.

Доволно беше одење по „големата“ слика во интерес на туѓи партиски елити. Доволно сносевме одговорност за туѓи грешки. Сега е до нас – или ќе успееме – или ќе успееме. Нема алтернатива.Нашата борба е консолидирана Македонија. А неа може да ја донесат луѓе само без претходни флеки, иако нема да ме изненади да се обидат да не внесат во нивните валканици. Бидете внимателни и отпорни. Пробале да не поткупуваат, да не заплашуваат – не успеале. Затоа сме денес тука каде што сме.

Од овие причини немаше основа за соработка со партиите кои политиката сакаат да ја водат како и сега. Директно речено, не сакаме да учествуваме во партискиот поредок на „големите“ што мора да го срушиме. Затоа што тој поредок е основата за кризата што ја живееме континуирано.

Нема поголема филозофија од реалното соопштување на состојбите, од реалните мерки согласно можностите и од отвореното соочување со проблемите. Нашата мисија е овие пораки да ги пренесеме до граѓаните и на таа основа да ја добиеме нивната доверба. И најбитно – да ја одбраниме во Собранието.

Оваа наша определба не прави мал, но значаен проблем за поредокот. Не сакаме компромис за пар позиции и вработувања, туку можност за сите според капацитетите. Не сакаме привилегии кога живееме во општество соочено со сиромаштија. Не смееме да ги копираме „големите“ и да ги постројуваме институциите според партиските потреби – туку да ги оспособиме институциите за да ги остваруваат потребите на граѓаните.Едноставно – клучот ја отвора вратата, а не приврзокот.

Либерали! Да не се лажеме – ќе биде тешко. Заборавете на очекувањата што некои ги имаат за „широки“ коалиции со ВМРО-ДПМНЕ – ние за тоа не се бориме. Слушам некои партиски лидери велат може соработка со таа партија, а не со тоа раководство. Види, види?! Ова е принцип? Не, ова е најава за пазар! А ние пазар на грбот на граѓаните не прифаќаме.

Ова е пораката и до сите македонски граѓани – ќе биде тешко да ги консолидираме нацијата и условите во секојдневието. Но, тоа ни е обврска. Како? Со програмата што ја нудиме – а контурите и се познати веќе една година, од априлскиот Конгрес.

Со кратење и реорганизирање на нефункционалните субвенции и трошоци, наместо со возење пензионери во Скопје за кои плаќаат сите градови во Македонија, наместо со нефункционални субвенции во земјоделството по површина, а не по произведена количина, наместо со бесповратни помошти за „самовработување“ што завршува со истекувањето на партиските грантови.

Со урбана наместо со провинцијална политика!

Дозволете сега да ги повикам не само либералите, не само неопределените, туку и сите оние кои кои сметаат дека е потребна опозициска политика за победа на власта, а не за кохабитација со власта!

Почитувани, пред Вас можеме да го заложиме само она што и досега го применувавме – принципот нема преговори до конечна победа на вистинската политика и победа над оваа власт и партиски поредок.

Знаете дека овие принципи нервираат многумина – оти што не сакаме замена – туку промена.

Затоа, сега некои се обидуваат да не попречат дури и да учествуваме во изборниот процес. Да им одговорам – кој ќе се најде на Либералната листа е наша работа, а не одлука на судот. Ако има законски пречки – во ред. Ама не затоа што судот сака да се стави над законот.

Порака до сите – ако не ги издадете потврдите за листите што се потребни по изборниот закон – ниту ние што ги имаме нема да ги употребиме.

Не оставаме ниту еден зад нас! Ќе направиме онолку листи колку што сакаме, а не онолку колку што ќе сакате вие. Ако не – изборите ќе бидат завршени пред да почнат – не само за нас.

Ни најавивте што се ќе се обидете да ни направите. Знаеме дека како и во 2013 – ќе си ги делите нашите гласови меѓу себе и на оние што сакате. Однапред ви кажуваме и вам и на меѓународната заедница – овие избори ќе бидат фер и демократски колку што беа и минатите. Ништо не е променето – ниту изборните услови, ниту изборната клима. Но, во тоа е и предизвикот.

Затоа не ни паѓа на памет однапред да ги признаеме изборите и Пржино 3 од август не е наша обврска.

Едноставно Ваше е да пробате да не скршите – и нас Либералите и сите нас – граѓаните што не сме дел од пржинското танго. А наше е да издржиме и да ве промениме. И ќе успееме, во реформски сојуз со граѓаните“, рече Ивон Величковски.

Би можело да ве интересира

ЛП: Скандалозна одлука на Уставниот суд, со мораториумот се докажа дека се можни промени и на општинско ниво

Ана Ололовска

ЛП: Да се забрани трговија на големо и мало во недела и на празници

Ана Ололовска

ЛП: Дислокација на обложувалниците и казината надвор од насeлените места

Ана Ололовска

ЛП: Дали е спроведена истрага за промашувањето на автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид

Ана Ололовска

ЛП: Реформа во администрацијата е итно потребна

Ана Ололовска

ЛП: Со воведувањето на налепници за возилата нема да се реши проблемот со загадувањето

Ана Ололовска