(ВИДЕО) Тутунар: Помина рокот за исплата на субвенции, Владата не’ изигра

Од:

Тутунарот од битолското село Трновци, Васко Јосифовски го дочека денот без уплатени пари на сметка од субвенции што ги доделува Владата. Тој е револтиран што Владата не го испочитува законскиот рок за исплата на субвенциите за земјоделците, кој траеше до 30 јуни, односно вчера. Јосифовски не е единствениот кој со нетрпение ги очекува овие пари, а истата судбина ја споделуваат голем број земјоделци во Македонија.

Како што вели Јосифовски, тој познава голем број на работници на кои треба да им се исплатат и по десетици илјади евра. Конкретно на него, парите му се неопходни за да може да работи. Според Јосифовски, тутунарите добиле ветување дека исплатата на парите ќе започне по формирањето на Владата. Но, од Агенцијата за рурален развој го информирале дека во следните два месеци, не постои шанса да има исплати за тутунот.

– Ова доведе до револт кај сите производители на тутун, веќе се чувствува немаштијата. Кај сите тутунари, парите беа планирани за она што значи почеток на нова реколта. Сега, буквално сме оставени на цедило. Се чувствуваме изневерени, она што требаше Владата да си го подмири кон нас, не го исполни, повторно сме изиграни. На мене треба да ми исплатат околу 1.000 евра. Ако тие пари не стигнат за една до две недели, откако ќе влезат комбањи во нивите и ќе почне производството на пиперки, јас тие пари ќе ги донирам на државата и како вистински патриот ќе се откажам од оваа сума. Мене тие пари после две недели ја загубиле вредноста – изјави Јосифовски.

Тој вели дека иако е доцна, рокот за исплата на парите од две недели е доволен за да им се помогне на земјоделците, бидејќи многумина се презадолжиле.

dogovorTutunRekolta

Исто така, проблемот на Јосифовски со исплатата на субвенции е заглавен во институционалните лавиринти. Тој се обратил до Агенцијата за рурален развој да праша зошто доцнат неговите пари, по што му било речено дека е должник кон претпријатието „Водостопанство“ во Битола.

– Јас не бев должник кон претпријатието, ми беше платена сметката. Повторно имаше доцнење на субвенциите, при што се обратив до подрачниот раководител во Битола, а тој ми одговори дека тоа се приватни работи и мора секој да интервенира во Скопје. Бев лично во Министерството за земјоделство, каде што ми рекоа дека не сум должник и според нивните списоци кои се испратени до Агенцијата за рурален развој – јас не сум должен. За на крај да испадне дека не должам – но не можам да бидам исплатен – вели тој.

Неколку дена пред почетокот на предизборната кампања, вели Јосифовски, субвенциите се исплаќале во период за една недела.

– Тоа беше лудило од исплати, меѓутоа во законски предвидениот рок. После почетокот на предизборната кампања, до ден – денес субвенции никој повеќе не виде. Може секој да излезе и каже дека субвенциите се исплатени, но пари реално нема – изјави Јосифовски.

 

Петар Клинчарски

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Филипче: Нови субвенции за тутунопроизводителите по 6.000 денари за секој хектар тутун

Бектеши: За уште 35 денари се зголемува откупната цена на тутунот, носиме одлуки во интерес на тутунарите

Откупувачите ги потпишаа анексите со зголемена цена на тутунот, откупот веднаш се интензивираше

Во Прилеп се очекува да се интензивира откупот на тутунот

Николовски: Очекувам цена до 400 денари за тутун од прва класа и минимум за 20 отсто повисоки откупни цени за годинава

Стомнароски: Откупот на тутунот нема да почне без зголемени цени