(ВИДЕО) Тренчевска: Услугата помош и нега во домот станува достапна за 40 стари лица од Пробиштип и Кратово

Од:

Новите услуги во рамки на социјалната реформа продолжуваат да стануваат достапни за граѓаните ширум земјата. Конкретно, услугата помош и нега во домот е достапна и за околу 40 корисници – жители на Пробиштип и Кратово. Оваа услуга е наменета за немоќни и изнемоштени лица над 65 години и значително им го олеснува секојдневниот живот, а истовремено значи и поддршка за нивните семејства.

При посетата на давателот на услугата – општинската организација на Црвениот Крст во Пробиштип, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска имаше можност директно да се запознае со придобивките од услугата за корисниците.

Искажувајќи задоволство од резултатите кои се постигнуваат со воведување на ваквите социјални услуги, министерката Тренчевска оцени: „Добро е што децентрализацијата на социјалните услуги дава резултат, бидејќи тоа е единствениот начин како да развиваме социјални услуги согласно потребите на луѓето, а никој подобро не ги препознава нивните потреби од самите општини и локалните организации кои се даватели на услугите. Посебно ме радува тоа што услугите се достапни во руралните средини и во најоддалечените места, затоа што нашата заложба е да се грижиме и да овозможиме квалитетна нега и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани“.

На настанот присуствуваа и градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, како и секретарот на општина Кратово, Радмила Китанова, кои искажаа благодарност до Министерството што ги препозна потребите на двете општини и го поддржа воведувањето на оваа услуга. Тие истакнаа дека овој пример на меѓуопштинска соработка треба да го следат сите општини, бидејќи тоа овозможува достапност на квалитетни услуги за граѓаните и локалните заедници.

Од Црвениот Крст Пробиштип потенцираа дека соработката меѓу организациите кои се даватели на услуги и општините носи значајни придобивки и подобрен квалитет на услугите, а тоа се забележува најмногу од задоволството на корисниците и негувателите. Тие исто така информираа дека за услугата помош и нега во двете општини обучени и сертифицирани се 14 негуватели.

Токму обезбедување на квалитетни и разновидни услуги социјални услуги, нивната децентрализација, како и создавањето нови можности за вработување на ранливите категории граѓани, се едни од основните цели на социјалната реформа.

Министерката Тренчевска оствари и посета на домот на корисничка на услуга која, заедно со нејзината негувателка, не ја криеше среќата и благодарноста за тоа што ја добива оваа услуга. Министерката истакна дека токму задоволството на корисниците и негувателите е клучна мотивација, но и показател дека реализацијата на социјалната реформа се одвива успешно.

Инаку, во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска Банка, досега е овозможено воведувањето на разновидни социјални услуги, преку 34 поединечни проекти што се спроведуваат во 41 општина. За давање на услугите досега се обучени и ангажирани над 300 лица, а истите се достапни за повеќе од 1200 корисници.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Тренчевска: ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати решенијата на СДСМ за намалување на цените и повеќе пари за граѓаните

(ВИДЕО) Тренчевска: Не само што нема за плати, со ребалансот ДПМНЕ крати пари и кај лицата со попреченост

Тренчевска: Со фенер да ги бараше понеспособни кандидати за заменици Мицкоски не можеше да најде

Предраг Петровиќ

Тренчевска се повлекува од функцијата претседателка на форумот на жени на СДСМ

Горан Наумовски

Тренчевска: Ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за пензиите ќе го дестабилизира пензискиот систем

Тренчевска: Со посветеност до потполна еднаквост на жените и мажите во општеството

А1он