Вистината е дека граѓаните денес живеат многу тешко. Цените растат секој месец, храната станува луксуз, а платите не успеваат да го следат поскапувањето. Вистината е дека за едно четиричлено семејство денес се потребни речиси 69.000 денари месечно само за основните животни трошоци, односно речиси три минимални плати. Вистина е дека нема 600 евра минимална плата, работниците создаваат вредност и профит, а нивните плати остануваат најниски во Европа. Вистина е дека пензионерите секој ден се соочуваат со повисоки трошоци, додека нивниот животен стандард опаѓа, изјави Јована Тренчевска – потпретседателка на СДСМ.
– Вистината е дека Владата на Мицкоски ги излажа граѓаните и ги остави сами во време на економска криза, без мерки за стандардот. СДСМ во програмата „Твоја држава – твоја шанса“ нуди конкретни решенија и политики кои ја враќаат социјалната правда и економијата и го ставаат човекот пред профитот. Правда е минималната плата автоматски да се усогласува со трошоците за живот, инфлацијата и просечната плата. Ако растат цените, мора да растат и платите. Тоа е една од нашите мерки. Поголеми плати кога компаниите имаат поголем профит – воведувавме принцип според кој ако расте профитот на компанијата, мора да расте и платата на работникот.
Правично е ако расте профитот на компанијата, да расте и платата на работникот. Трудот мора да биде вреднуван, а успехот правично распределен. Државна поддршка за повисоки плати – намален данок на добивка или субвенционирање на придонесите за компаниите што ги зголемуваат платите. Праведно е државата да ги стимулира компаниите што ги зголемуваат платите, наместо да ги наградува оние што заработуваат на грбот на работниците. Правда е пензиите да растат и да обезбедуваат достоинствен живот. Затоа предвидуваме зголемување на пензиите до 50 проценти во еден мандат. Сојуз за достоинство и заштита на работниците и ранливите категории, признавање на студентскиот стаж, заштита на хонорарците и сезонските работници, дигитален пасош за работникот, како и додаток за домување и покриени трошоци за градинка за самохраните родители. Тоа се нашите вредности преточени во конкретни решенија. Достоинствен живот за работниците, сигурност за пензионерите и поддршка за ранливите категории граѓани. Секој работник да биде заштитен, секој работен стаж да биде признаен и никој да не остане без своите стекнати права. Затоа што достоинствениот живот не е привилегија. Тој е право, рече Тренчевска.
